Австриски компании бараат нови можности за соработка во транспортната и енергетската инфраструктура во Македонија, во рамки на деловната мисија што на 15 и 16 септември се одржа во Скопје во организација на Трговското одделение при Амбасадата на Австрија.
Во мисијата учествуваа десет австриски компании, кои одржаа средби со македонски компании, институции и претставници на политичкиот и деловниот сектор. Целта била да се разгледаат можностите за конкретни проекти, но и за воспоставување подолгорочни деловни партнерства.
Австриските компании презентирале експертиза во производството на енергија, железничката и транспортната инфраструктура, инженерството, градежното советување, паметните технологии и одржливата мобилност.
Разговорите со македонските партнери биле насочени кон можностите австриското техничко знаење и искуство да се поврзат со локалните капацитети и развојните потреби на Македонија.
Како дел од мисијата во Скопје се одржа и австриско-македонска деловна тркалезна маса, на која учествуваа заменик-премиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски и заменик-директорот на претпријатието за железничка инфраструктура Шериф Абдулахи.
Според организаторите, разговорите покажале дека постои простор за продлабочување на соработката, особено во развојот на современи, безбедни и одржливи инфраструктурни решенија.
Од Трговското одделение при Амбасадата на Австрија оценуваат дека австриската технологија и искуството во реализација на инфраструктурни проекти може да се комбинираат со познавањето на локалниот пазар и капацитетите на македонските компании.
Деловната мисија, како што наведуваат организаторите, овозможила воспоставување нови контакти и зајакнување на постојните деловни односи, со очекување тие во иднина да прераснат во конкретни проекти во транспортот, енергетиката и одржливата инфраструктура.

