Опозицискиот СДСМ ја оцени како „крајно несоодветна“ реакцијата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, по првостепената пресуда на Специјализираните совети во Хаг против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и уште тројца поранешни припадници на ОВК.
Судскиот совет на Косовските специјализирани совети на 16 септември ги прогласи Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи за виновни за воени злосторства. Тачи е осуден на 25 години затвор, Весели на 18, Селими на 13, а Красниќи на 25 години. Сите четворица беа ослободени од дел од обвиненијата за злосторства против човештвото, а пресудата подлежи на жалбена постапка.
Од СДСМ велат дека одлуките на меѓународните судови мора да се почитуваат, без оглед на националноста на обвинетите или на политичкиот контекст.
„Ако судот донел одлука за некој дека е виновен – тогаш тоа треба да се прифати, додека повисок суд не каже друго“, наведуваат од партијата.
Во реакцијата СДСМ посочува дека самиот факт што постои жалбена постапка значи дека судскиот процес не е завршен, но дека тоа не го менува принципот на почитување на првостепената судска одлука.
Партијата посебно се осврнува на реакцијата на претседателот на Собранието Африм Гаши, оценувајќи дека тој, како носител на висока државна функција, треба да се однесува во согласност со институционалната позиција на државата.
„Реакциите на претседателот на Собранието, Африм Гаши, се крајно несоодветни. Тој извршува државна функција, претседател на Собранието и е претставник на држава што сака да биде дел од ЕУ. Не може двојни аршини“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ нагласуваат дека пресудата не треба да се толкува како пресуда против албанскиот народ или против правото на Косово на независност, туку како судска одлука што се однесува на конкретни лица и конкретни кривични дела.
„Судот суди поединци“, велат од партијата, додавајќи дека претворањето на судската пресуда во етничко прашање, според нив, создава дополнителни поделби.
Во тој контекст СДСМ се повикува и на случајот со Ратко Младиќ, за кого, како што потсетува партијата, исто така била застапувана позиција дека судските пресуди мора да се почитуваат.
„Законот не се бира по нација“, е пораката од СДСМ.
Опозициската партија во реакцијата прави паралела и со состојбите во домашното правосудство, обвинувајќи ја власта за политички притисоци врз судството и обвинителството. СДСМ тврди дека Европската комисија во своите извештаи укажувала на такви проблеми, а истовремено обвинува дека во земјава „предметите се тргаат“ и дека се носат политички толкувања на законите.
Од партијата порачуваат дека истиот принцип треба да важи и за меѓународните и за домашните судови – никој да не биде над законот.
Пресудата против Тачи и тројцата сообвинети е донесена по повеќегодишна постапка пред Косовските специјализирани совети во Хаг. Судот утврди кривична одговорност за воени злосторства поврзани со незаконско и произволно притворање, сурово постапување, тортура и убиства, додека обвиненијата за злосторства против човештвото не беа докажани надвор од разумно сомневање.

