Регулаторната комисија за енергетика денеска треба да ги утврди новите максимални цени на горивата, а високите европски котации на дизелот од минатата недела оставаат простор за ново поскапување. Конечната цена сè уште не е позната и ќе зависи од официјалната пресметка на РКЕ.
Дизелот во моментов има максимална малопродажна цена од 99 денари за литар. ЕУРОСУПЕР БС-95 чини најмногу 100,50 денари, а ЕУРОСУПЕР БС-98 – 102,50 денари за литар, според последната одлука на РКЕ од 14 септември.
Иако цената на суровата нафта се намали кон крајот на минатата недела и во понеделникот продолжи надолу, тоа само по себе не значи дека горивата во Македонија веднаш ќе поевтинат. „Брент“ во петокот заврши на 104,87 долари за барел, а во понеделникот повторно бележеше пад.
Причината е што кај пресметката на домашните цени важни се котациите на готовите нафтени деривати, а не само цената на суровата нафта. Европскиот пазар на дизел минатата недела беше под силен притисок поради нарушувањата во снабдувањето и ниските залихи.
Податоците на S&P Global покажуваат дека медитеранската цена на дизелот со 10 ppm сулфур на 15 септември достигнала рекордни 1.664,75 долари за тон, а еден ден подоцна останала на 1.632 долари за тон – второ највисоко ниво во историјата на оваа котација.
Тоа е особено важно за денешната одлука бидејќи РКЕ при формирањето на цените ги следи референтните котации на нафтените деривати и курсот на денарот во однос на доларот. Во образложението на последната одлука, Комисијата наведе дека референтната цена на дизелот во претходниот пресметковен период пораснала за 6,67 проценти.
И покрај тој раст, дизелот на 15 септември поевтини за два денари – од 101 на 99 денари за литар. Причината беше примената на владините мерки со кои ДДВ за ЕУРОДИЗЕЛ беше намален на 10 проценти, а акцизата за дизелот за четири денари по литар.
Бензините, пак, со последната одлука поскапеа за по 3,50 денари за литар. РКЕ тогаш утврди дека референтните цени на бензините биле повисоки за 6,254 проценти во однос на претходната пресметка.
Берзанските движења од минатата недела затоа оставаат можност најголемата промена во новата пресметка повторно да биде кај дизелот. Дали и за колку ќе се промени цената ќе биде познато дури по објавувањето на официјалната одлука на РКЕ. До утрово, на веб-страницата на Комисијата како последна објавена одлука за горивата сè уште стои онаа од 14 септември.

