Љупчо Пецов – Ѓаволот признал вина во предметот „Синџир“ и добил условна казна од две години затвор, која нема да се изврши ако во следните пет години не стори ново кривично дело. Покрај тоа, ќе плати 8.000 евра парична казна и во следните десет години нема да смее да биде основач или управител на фирма, ниту да управува и располага со имот на правно лице.
Пресудата е донесена на 24 август врз основа на признание на вина, а станала правосилна на 21 септември, бидејќи ниту една од странките не поднела жалба. Информацијата ја потврдил Основниот кривичен суд Скопје.
Покрај санкциите за Пецов, казнето е и правното лице ДУТУД „А.К.А.П.“ ДООЕЛ, кое е во стечај. На фирмата ѝ е изречена парична казна од еден милион денари, како и петгодишна забрана за добивање дозволи, лиценци и концесии, учество на јавни повици и основање нови правни лица.
Од Кривичниот суд објасниле дека при определувањето на казната била земена предвид и потребата од еднаков пристап кон другите обвинети во „Синџир“ кои претходно признале вина, ја надоместиле штетата и во раздвоени постапки добиле алтернативни санкции.
Предметот „Синџир“ започна во октомври 2023 година, кога Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против 26 физички и 28 правни лица. Според тогашните наводи на обвинителството, станувало збор за организирана шема за даночно затајување и перење пари, во која преку повеќе компании биле користени фиктивни фактури и финансиски трансакции.
Обвинителството тогаш тврдеше дека дел од групата во периодот од октомври 2020 до крајот на 2021 година пуштила во оптек, примила и пренела околу 40 милиони денари, односно околу 651.000 евра, за кои постоело сомнение дека потекнуваат од даночно затајување.
Во дел од претходно завршените постапки за „Синџир“, шестмина обвинети и шест компании склучија спогодби со обвинителството. Според ОЈО ГОКК, преку платен данок, вратени средства и изречени парични казни во државниот буџет тогаш биле уплатени речиси еден милион евра.
Пецов претходно беше недостапен за органите на прогонот и по него беше распишана потерница. Во декември 2025 година доброволно се пријави, по што, наместо во затворски, беше ставен во куќен притвор поради здравствени причини и проценка на обвинителството за неговата безбедност.
Неговото име во меѓувреме се појави и во одделен предмет поврзан со поранешниот државен правобранител Фехми Стафа. Стафа призна вина дека примил 50.000 евра со ветување дека ќе влијае врз судија во Апелација за да му биде укината мерката притвор на Пецов и беше осуден на една година и три месеци затвор.
Со правосилната пресуда од септември, постапката против Пецов во овој дел од „Синџир“ завршува со условна казна, парична санкција и десетгодишна забрана за управување со компании и нивниот имот.

