Контрацепцијата треба да биде прашање на информиран личен избор, а не на тоа колку некој може да си дозволи, каде живее или дали има пристап до навремени и точни информации, соопштија од ХЕРА.
По повод Светскиот ден на контрацепцијата, кој годинава се одбележува под мотото „Избор без бариери”, ХЕРА потсетува дека зад правото на избор мора да стои и функционален здравствен систем кој обезбедува достапна контрацепција, квалитетно советување и услуги за сексуално и репродуктивно здравје.
„Според последните достапни национални податоци од Истражувањето на повеќекратни индикатори (MICS) 2018–2019 на УНИЦЕФ, 43,9% од паровите на возраст од 15 до 49 години кои се во брак или заедница во Северна Македонија користат прекинат сексуален однос како метод за спречување бременост, додека современа контрацепција користат само 14%. Ова покажува дека традиционалните методи и понатаму имаат значително место во практиките за спречување бременост, додека употребата на современи методи останува ниска.
Состојбата е особено загрижувачка кај младите. Според податоците, околу 14% од младите жени на возраст од 20 до 24 години користат современ контрацептивен метод, додека 38,6% се потпираат на прекинат сексуален однос. Кондом користат 11% од младите жени во оваа возрасна група.
Ниската употреба на современа контрацепција не е само прашање на личен избор. Кога методите не се финансиски достапни или не се обезбедени преку здравствениот систем, изборот не е еднаков за сите.
Иако во 2026 година контрацептивните лекови се вклучени на Есенцијалната листа, тие и понатаму не се покриени од задолжителното здравствено осигурување. Затоа, следниот чекор е нивно вклучување на Позитивната листа на лекови, со што контрацепцијата ќе стане финансиски подостапна за граѓаните.
Мотото “Избор без бариери” треба да стане реалност и во Северна Македонија. Не е доволно контрацепцијата формално да биде препознаена како потреба во здравствениот систем – таа мора да биде и финансиски достапна за граѓаните. Затоа, потребно е современите контрацептивни средства да се вклучат на Позитивната листа на лекови и да се обезбеди пристап до квалитетно советување и услуги за сите“ додаваат од ХЕРА.
За да се намалат нееднаквостите и да се обезбеди вистински избор на контрацепција, ХЕРА повикува на:
· вклучување на современите контрацептивни средства на Позитивната листа на лекови и нивно покривање преку задолжителното здравствено осигурување;
· зголемување и одржливо финансирање на државните програми за контрацепција, со посебен фокус на младите и лицата кои се соочуваат со економски и други бариери;
· обезбедување достапни, доверливи и научно засновани информации и советување за сексуалното и репродуктивното здравје, вклучително и за современите методи на контрацепција, преку сеопфатното сексуално образование, кое ќе им овозможи на младите да стекнат знаења и вештини за информирани и одговорни одлуки за нивното сексуално и репродуктивно здравје.
На Светскиот ден на контрацепцијата, пораката е едноставна: изборот е право, но за да биде вистински избор, мора да биде придружен со достапност. „Избор без бариери” значи секој човек да има реална можност информирано да одлучува дали, кога и колку деца сака да има, без финансиски, географски или други бариери до контрацепција“ велат од ХЕРА.

