„Крајно време е веќе темата за европските интеграции да се сврти во тоа дека процесот на Европска интеграција всушност треба да донесе Македонија да изгледа како една либерална Холандија, либерална Словенија, либерален Луксембург и дека треба да ние се грижиме за нашиот дел дома. Еве ако излеземе ние по улиците низ главниот град, дали живееме по европски терк? Јас не сум убедена дека е тоа така. Во мојата глава, во главата на моите сопартијци, на голем број од граѓаните е тоа дека процесот на евроинтеграција не треба да остане само нешто далечно, но да донесе до реформи внатре”, вели претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, во гостување во Дневникот на Сител.
Зајкова верува дека граѓаните не се уморни од тоа што ние си ја реформираме државата внатре, но се уморни од буквално ваквите чекања, кажувања и долготрајни гледања дека нема резултати.
„Ние целата независност ја потрошивме на европските интеграции ама изгледа очигледно не ги научивме основните работи. Јас не знам што се очекува одлучувачки да донесе Урсула фон дер Лајен, затоа што Европската комисија не е таа која што одлучува, туку одлучува Советот и земјите членки. Ние имаме заклучоци на Советот и еве, пак се враќаме на она моето дека постојано чекаме некој нешто да ни донесе, да ни каже. Ја чекаме Урсула, ја чекаме Ангела, го чекаме не знам кој… дајте ние да си ги завршиме дома обврските согласно она што ни е дадено во заклучоците и кога ќе дојде фон дер Лајен да кажеме дека да, ние нашата задача ја исполнивме”, додава претседателката на ЛДП.
Зајкова посочува и на ставот на премиерот, кој во интервју начелно се согласи со ставот на ЛДП за уставните измени со одложено дејство и повика да се направат измените. Потоа ќе видиме како ќе се однесуваат европските партнери и дали ќе и тие ќе испорачаат назад, затоа што од тоа зависи кредибилитетот и на самата Европа.
„Притоа да бидам јасна, за македонските граѓани да бидат спокојни, дека уставни измени со одложено дејство доколку се донесат, тоа значи дека истите би влегле во сила откако сите земји членки ќе го ратификуваат пристапниот протокол за полноправно членство на Република Македонија во Европската Унија. Но, ајде ние еднаш да ги пречекаме со наш став. Вучиќ има став, Рама има став, Црна Гора забрзано оди напред, сака да го фати членството, Албанија праќа некои позитивни сигнали. Дајте и ние да имаме наш став, затоа што ние па имаме куп претставници кои што работат на оваа тема. Направивме Министерство за европски прашања, пративме амбасадор, специјален претставник таму. Дајте еднаш да изградиме став и да не чекаме и да се прашуваме што е тоа што ќе ни го донесе одлучувачко некој друг”, завршува претседателката Зајкова.

