Дигитална студентска картичка ќе им овозможи на студентите од државните универзитети во Скопје да го користат бесплатниот јавен превоз преку мобилен телефон, без хартиени потврди и посета на билетарите. ЈСП Скопје го започнува новиот систем со поддршка од Град Скопје и во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Новото решение ќе ги опфати студентите на државните универзитети во главниот град, вклучително и оние што студираат на Универзитетот „Мајка Тереза“.
Проверувањето на студентскиот статус ќе се врши автоматски, преку дигитална синхронизација на податоците меѓу ЈСП Скопје и универзитетите. Со тоа се укинува потребата студентите да носат хартиени потврди или да одат во билетарите за заверка на картичката.
Секој студент ќе добие упатство на својата електронска адреса, по што картичката ќе може да ја активира преку мобилната апликација SkopjeBus. При најавувањето ќе треба да ја употреби истата електронска адреса што ја користел при регистрацијата на универзитетот.
Активираната картичка ќе биде достапна во апликацијата во форма на QR-код. Студентите ќе го скенираат кодот на валидаторот при секое патување со јавниот превоз.
ЈСП засега не соопшти точен датум од кога дигиталната картичка ќе биде активна за сите студенти. Од претпријатието најавуваат дека корисниците навремено ќе добијат детални информации за постапката за активирање и користење.

