210 полни чинии и ниту едно гладно куче во „Лајка“

Вкупно 210 полни чинии со готвени оброци беа подготвени и поделени за кучињата во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ и во неговата околина, на првиот настан „Чинија љубов“, кој на 26 септември обедини граѓани и волонтери околу помошта за бездомните животни.

Настанот се одржа во дворот на прифатилиштето под мотото „Збор на денот: заедница“. Преку заедничко готвење, учесниците обезбедија оброк за секое куче згрижено во „Лајка“, но и за животните што се наоѓаат во непосредната околина на прифатилиштето.

Покрај подготовката на храната, посетителите имаа можност непосредно да се запознаат со секојдневната работа на прифатилиштето, потребите на кучињата и начините на кои можат да помогнат преку волонтирање, донации или вдомување.

Од „Лајка“ посочуваат дека ваквите средби се можност да се разговара и за одговорното сопствеништво, стерилизацијата и последиците од напуштањето домашни миленици. Непосредниот контакт со кучињата, според претпријатието, помага и во надминувањето на предрасудите кон бездомните животни.

Специјална гостинка беше проф. д-р Наташа Ѓорговска, научна советничка во Институтот за сточарство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и авторка на книга посветена на деликатеси и готвени јадења за кучиња и мачки.

Ѓорговска подготви посебни деликатеси за кучињата, додека „Луна Пет Шоп“ ја поддржа иницијативата со донација на суплементи.

Од ЈП „Лајка“ им се заблагодарија на граѓаните, волонтерите, поддржувачите и донаторите што учествуваа на првото издание на „Чинија љубов“.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?