Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција обвини дека „пучисти со сателитите на Мицкоски“ дејствуваат за ослабување на партијата. Според него, мала група поранешни функционери на СДСМ, заедно со претставници на други партии, настапуваат по налог на премиерот Христијан Мицкоски.
„Сите сателити на Христијан Мицкоски седнати на едно место. Тотална шизофренија“, рече Филипче.
Тој посочи дека поранешни функционери на СДСМ седат на иста маса со претставници на Левица, партија која ја опиша како проруска и која во минатото истакнувала пораки против НАТО, а истовремено бараат промени во СДСМ.
„Тоа ли сакаат? Тоа ли се нивните принципи и вредносни политики? Оваа партија дала заменик-генерален секретар на НАТО, а тие седат со луѓето коишто во Собрание држеа транспарент дека НАТО е убиец. Еве со кои седаа пучистите вчера. Еве со овие луѓе и со претставници на други партии бараат промена во СДСМ“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ го постави прашањето зошто оваа група настапува токму сега, во период кога, како што тврди, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ се намалува, а СДСМ се консолидира и бележи раст на поддршката.
„Година дена наназад работат против партијата, роварат, зборуваат со луѓе, шират невистини, клевети, лаги. Се поставува прашањето зошто сега, во овој момент, така силно излегоа во јавноста?“, рече тој.
Филипче оцени дека целта е да се одземе вниманието од прашањата што ги отвора СДСМ, меѓу кои плановите за дата-центри и нови рудници, задолжувањето, состојбата во земјоделството, минималната плата и пензиите.
Тој нагласи дека партијата продолжува со консолидацијата и со подготовката на политики за кои тврди дека се во интерес на граѓаните.
„СДСМ вчера се покажа и се докажа дека е единствената партија којашто може да биде и е носител на опозициското движење и да ја канализира целата опозициска енергија во земјата“, истакна Филипче.
„Ќе стоиме и ќе се бориме и за граѓаните, и за државата, и за СДСМ“, порача тој.

