Ќе се врати ли пушењето во затворено? Осум амандмани го менуваат новиот закон

Забраната за пушење во затворени простории повторно е во центарот на расправата, откако во Собранието со амандман се предлага со новиот закон да се дозволат посебни простории за пушачи. Наместо најавената примена од март, седум месеци подоцна предлогот е во второ читање пред Комисијата за здравство, со отворен спор околу можноста повторно да се дозволат посебни простории за пушачи.

Еден од амандманските предлози предвидува т.н. „пушачки соби“ во угостителски објекти, приватни компании и институции. Министерството за здравство е против ваквото решение, со образложение дека би можело да отвори простор за заобиколување на забраните предвидени со законот.

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека предложените измени не се прифатливи за Министерството. „Тоа е суштината на законот – да нема пушење во затворени простории“, изјави Клековски, оценувајќи дека воведувањето посебни простории би можело да ја наруши основната цел на законското решение.

Осумте амандмани не се нови. Уште во јуни претседателката на Комисијата за здравство Рашела Мизрахи најави дека за сите ќе бидат побарани мислења од експерти, меѓу другото и за да се провери дали предложените решенија се во согласност со европските правила.

Токму дополнителните консултации со експерти и стопанството ја продолжија собраниската процедура. Предлогот сè уште не стигнал до конечна пленарна одлука.

Новиот закон беше најавен на почетокот на годинава како целосна ревизија на постојната регулатива. Неговата основна цел е намалување на изложеноста на тутунски чад, ограничување на употребата на тутунски и никотински производи и посилна заштита на децата и младите. Предвидени се и правила за рекламирањето, промоцијата и изложувањето на овие производи.

Владата го усвои предлог-законот на 2 јуни, по што тој влезе во собраниска процедура. Но амандманите ја отворија главната дилема, дали строгата забрана за пушење во затворен простор треба да остане без исклучоци или да се дозволат специјално определени простории за пушачи.

Додека пратениците не се произнесат за амандманите и законот не ја заврши собраниската процедура, продолжува да важи постојната регулатива за заштита од пушењето.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?