Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ја започна посетата на Западен Балкан од Тирана, во момент кога Албанија е меѓу земјите кандидати што најбрзо напредуваат во пристапниот процес, но Брисел сè појасно го насочува вниманието од усвојувањето закони кон нивната практична примена.
За време на посетата, Фон дер Лајен се сретна со албанскиот претседател Бајрам Бегај и со премиерот Еди Рама. Пораката од Брисел е дека напредокот во преговорите мора да биде проследен со конкретни резултати од реформите, особено во областите поврзани со владеењето на правото и функционирањето на институциите.
Албанија во последните две години значително го забрза пристапниот процес. Сите 33 преговарачки поглавја се отворени, а во јули годинава земјата првпат привремено затвори три поглавја: за наука и истражување, образование и култура и надворешни односи. Во мај ЕУ потврди дека Албанија ги исполнува привремените мерила во кластерот „Темели“, кој ги опфаќа владеењето на правото, демократските институции и реформата на јавната администрација.
Но токму кластерот „Темели“ останува клучен за понатамошниот тек на преговорите. Според правилата на новата методологија, тој се отвора прв и се затвора последен, а напредокот во оваа област го одредува темпото на целиот процес.
Пораката дека законите сами по себе не се доволни е во линија и со ставовите што еврокомесарката за проширување Марта Кос ги упатува до Тирана. Кос нагласи дека фокусот сега мора да се префрли на спроведувањето на веќе усвоените реформи и посебно ја издвои реформата во правосудството како еден од темелите на пристапниот процес.
Албанската влада има амбиција преговорите со ЕУ да ги заврши до крајот на 2027 година. Брисел го признава брзиот напредок, но конечниот исход ќе зависи од исполнувањето на критериумите, особено во владеењето на правото. Самото привремено затворање поглавја не е конечно, договорите постигнати за поединечни поглавја остануваат привремени сè додека не биде постигнат целосен договор за сите области.
Посетата на Фон дер Лајен доаѓа и во поширок момент во кој ЕУ се подготвува за можно ново проширување. Европската комисија разгледува дополнителни заштитни механизми со кои би се спречило назадување во демократијата и владеењето на правото кај идните членки, како и постепено вклучување на кандидатите во европските политики уште пред формалното членство.
По Албанија, Фон дер Лајен утре ја продолжува балканската турнеја во Приштина и Подгорица, а потоа треба да пристигне и во Скопје

