Ниту еден од деветте пациенти со високоризичен рак на бубрег не добил повторна појава на болеста по примањето персонализирана вакцина, покажуваат резултатите од мало клиничко испитување. Пациентите биле следени во просек околу три години и четири месеци објави во своето списание Nature.
Резултатите се охрабрувачки, но истражувачите предупредуваат дека студијата е премала за да докаже дека токму вакцината го спречила враќањето на ракот.
Важно е и дека пациентите претходно биле оперирани и туморите им биле целосно отстранети. Во моментот кога ја примиле вакцината немале видливи знаци на болеста, но биле во група со висок ризик од нејзино повторно појавување.
Седум од пациентите имале рак во трет стадиум, а двајца во четврти стадиум.
Персонализираната вакцина се изработува посебно за секој пациент. Научниците го анализираат неговиот тумор и ги идентификуваат специфичните мутации и протеински фрагменти, познати како неоантигени.
Од нив потоа се создава вакцина чија цел е да го „научи“ имунолошкиот систем да ги препознава и уништува преостанатите канцерогени клетки кои се премали за да бидат откриени со стандардните методи.
Кај сите девет пациенти бил регистриран имунолошки одговор. Кај седум од нив научниците потврдиле дека Т-клетките активирани со вакцината можеле да ги препознаат клетките од нивниот сопствен тумор.
Имунолошкиот одговор се задржал со години.
Кај петмина пациенти вакцината била комбинирана и со ниска доза имунотерапија со ипилимумаб, поради што истражувачите засега не можат прецизно да утврдат колкав придонес имала секоја од терапиите.
Студијата била од прва фаза и нејзината главна цел била да се проверат безбедноста и подносливоста на вакцината. Најчестите несакани реакции биле благи – реакции на местото на инјектирање и привремени симптоми слични на грип. Не биле регистрирани сериозни несакани ефекти поврзани со терапијата.
Сепак, девет пациенти не се доволни за да се заклучи дека е пронајдена ефикасна вакцина против рак на бубрег.
Студијата немала контролна група, па не може да се утврди колку од пациентите би останале без релапс и без вакцината. Кај дел од пациентите со оперативно отстранет рак на бубрег болеста и без ваква терапија може да не се врати со години.
Затоа сега се потребни многу поголеми клинички испитувања во кои резултатите ќе се споредуваат со сегашниот стандарден третман.
Во тек се и нови студии со персонализирани вакцини, вклучително и вакцини базирани на mRNA технологија во комбинација со имунотерапија.
Истражувањата се дел од поширокиот обид вакцините против рак да се користат не како класична превенција, туку како персонализирана терапија која му помага на имунолошкиот систем да ги препознае специфичните клетки на туморот кај секој пациент.

