Голема полициска акција утрово се спроведува во Универзитетската болница „Св. Георги“ во Пловдив, најголемата болница во јужна Бугарија. Полицијата ги блокираше влезовите во дел од болничкиот комплекс, се испрашуваат лекари и пациенти, а истражителите одземаат медицинска документација.
Обласната дирекција на бугарското МВР официјално потврди дека од утрово во болницата се спроведуваат „специјализирани полициски дејствија“, но најави дека деталите за операцијата ќе бидат соопштени подоцна. На терен има полициски возила, комбиња и екипа на криминалистичката лабораторија.
Според информациите на NOVA, истрагата е поврзана со сомнежи за финансиска измама и извлекување средства од бугарскиот Национален фонд за здравствено осигурување. Полицијата влегла во комплексот нешто пред 8 часот, а се проверува медицинска документација. Дел од пациентите кои утрово требало да бидат примени биле вратени.
Засега има различни информации за тоа кои клиники се опфатени. NOVA и локалните медиуми наведуваат дека полицијата е во Клиниката за ревматологија, додека bTV објави дека полициски екипи влегле и во нефрологија и дека проверки има и во други одделенија.
Од раководството на „Св. Георги“ потврдиле дека во болницата се спроведува акција, но велат дека сè уште немаат информации за деталите. Ниту полицијата ниту обвинителството досега официјално не соопштија дали има осомничени или приведени лица.
Акцијата продолжува, а бугарските власти најавија повеќе информации во текот на денот.

