Платформата во која учествуваат поранешни партиски функционери е проект на Мицкоски за раситнување на опозицијата и продолжување на неговото владеење, оцени претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за емисијата „Импакт“ на ТВ Шења. Тој ја нарече иницијативата „ЗНАМ втор дел“ и порача дека обидите за раситнување на СДСМ нема да успеат.
Филипче ги критикуваше поранешните функционери на партијата поради преговорите со Левица. Притоа, ја опиша Левица како партија што се противи на НАТО, на Европската Унија и на албанскиот јазик.
„Ете, со таква партија сакаа дел од поранешните функционери да даваат алтернатива за опозицијата“, рече Филипче.
Според него, иницијативата не претставува вистинска опозиција, туку служи за слабеење на опозициските сили. Ја оцени како антинационална, антидржавна и непатриотска, обвинувајќи дека зад неа стои Мицкоски.
„Проект на Мицкоски, ЗНАМ втор дел, кој сака да нè раситни. Зошто? Со цел да може тој да продолжи да владее“, истакна Филипче.
Тој изрази уверување дека СДСМ ќе остане стожерна опозициска партија и дека на следните избори, кога и да се одржат, ќе ја врати власта во рацете на граѓаните.
„Сакам јавно, јасно и гласно да им порачам: нема да им успее“, рече Филипче, додавајќи дека СДСМ има капацитет, волја и визија за иднината на државата.
За односите во партијата, Филипче нагласи дека постои силен консензус за европската ориентација на земјата.
„Има силен консензус за тоа, апсолутно единство во ставот дека нашата иднина е само Европската Унија“, рече тој.

