Вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година е потврда за погрешно планирање и недоследни економски политики, оцени пратеничката на СДСМ и претседателка на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, на комисиската расправа за измените на буџетот.
Според неа, октомврискиот ребаланс не носи фискална консолидација, туку го задржува зголемениот дефицит, додека дел од капиталните инвестиции се намалуваат, тековните расходи растат, а приходните проекции се ревидираат надолу.
Лукаревска посочи дека по јулскиот ребаланс дефицитот бил зголемен за околу седум милијарди денари, со образложение дека дополнителните средства ќе бидат наменети за развојни инвестиции. Во октомври, меѓутоа, капиталните расходи се сведени на 40,124 милијарди денари, речиси на нивото од првичниот буџет, додека дефицитот останува на 46,264 милијарди денари.
„Ако во јули повисокиот дефицит беше оправдан со дополнителни развојни инвестиции и реалистични проекции, како треба да се објасни октомврискиот буџет во кој дополнителните инвестиции се повлечени, тековните расходи се повисоки, приходите се ревидирани надолу, а дефицитот останува непроменет?“, праша Лукаревска.
Се кратат средствата за гасификација, животна средина и образование
Како примери за промените во расходната структура, Лукаревска ги наведе намалувањето на средствата за Министерството за животна средина за 2,017 милијарди денари и за Министерството за енергетика за 1,893 милијарди денари.
Според изнесените податоци, средствата за потпрограмата „Гасификација“ се намалуваат од 1,897 милијарди денари на 12,02 милиони денари. Намалени се и средствата за училишни спортски сали и за енергетска рехабилитација на студентските домови, заедно за 350 милиони денари.
Во образованието, развојните средства се намалуваат од 2,146 на 1,763 милијарди денари. Лукаревска предупреди и на намалувања во здравствената заштита, меѓу другото кај превентивните програми, имунизацијата, медицинската опрема и реконструкцијата на јавните здравствени установи.
Таа оцени дека ваквите промени отвораат прашања за подготвеноста на проектите, реалистичноста на планирањето и причините поради кои средствата предвидени со претходниот ребаланс не се реализираат според очекувањата.
Дефицитот останува висок, а приходите се намалуваат
Според Лукаревска, со октомврискиот ребаланс приходната проекција е намалена за 5,3 милијарди денари во однос на јулскиот план, на околу 374 милијарди денари. Најголемиот дел од намалувањето се однесува на акцизите, за 3,8 милијарди денари.
Таа посочи дека до 31 август бил реализиран дефицит од 38,175 милијарди денари, односно 82,5 проценти од годишно планираниот износ. Според нејзината оценка, тоа бара јасно објаснување како до крајот на годината ќе се задржи планираниот дефицит од 4,1 процент од БДП.
Лукаревска предупреди и дека јавниот долг останува близу до прагот од 60 проценти од БДП. Според податоците што ги наведе од вториот ребаланс, на 30 јуни 2026 година државниот долг изнесувал 9,43 милијарди евра, или 51,7 проценти од БДП, додека јавниот долг достигнал 10,726 милијарди евра, односно 58,8 проценти од БДП.
Нема средства за минимална плата од 600 евра
Лукаревска оцени дека ребалансот не обезбедува доволно мерки за подобрување на животниот стандард и дека не се предвидени средства за зголемување на минималната плата, ниту за подобрување на состојбата на земјоделците.
Таа најави дека СДСМ има поднесено амандмани за овие прашања и посочи дека, според нејзините податоци, трошоците за живот од јануари се зголемиле за околу 4.000 денари, додека синдикалната минимална кошница во октомври надминала 70.000 денари.
Според Лукаревска, околу 180.000 работници примаат плати пониски од 31.200 денари месечно, а минималната плата останува на 26.000 денари.
„Овој ребаланс покажува дека градиме општество на работодавачи, а не градиме општество на работници, на трудбеници, каде трудот создава додадена вредност“, рече Лукаревска.
Таа заклучи дека клучното прашање не е само дали државата ќе ги исполни тековните обврски, туку дали буџетските средства се распределуваат така што ќе се обезбедат развојни инвестиции, одржливи јавни финансии и подобар животен стандард.

