Славески до штедачите на Алта Банка: 10.000 денари неделно се „повеќе од доволно“

Додека граѓаните имаат ограничен пристап до сопствените заштеди во Алта банка, гувернерот Трајко Славески оцени дека 10.000 денари неделно им се „повеќе од доволно“. Во гостувањето во „Топ тема“ на Телма, тој побара трпение поради вонредната ситуација, а за евентуално зголемување на износот што може да се подигне порача да се почека.

„10.000 денари се повеќе од доволно за граѓаните неделно, затоа што имаме вонредна ситуација во која што треба трпение“, изјави Славески.

Новинарката му посочи дека граѓаните не се виновни за ситуацијата во која се нашле. Гувернерот одговори дека тие треба да веруваат во институциите и ги уверуваше дека заштедите се на нивните сметки и дека никој нема да им ги одземе.

Според Славески, ограничувањето на располагањето со парите е привремено и треба да важи во периодот потребен за надминување на состојбата. Во разговорот, сепак, не наведе конкретен датум кога граѓаните повторно ќе можат целосно да располагаат со своите средства.

На прашањето како граѓаните да имаат доверба, гувернерот повторно се повика на вонредната ситуација. Тврдеше дека Народната банка реагирала во рок од неколку часа по дознавањето за одлуката што ја предизвикала интервенцијата.

„Забранети се сите можности за изнесување капитал од банката“, изјави Славески.

Запрашан и дали се размислува за зголемување на неделниот износ што граѓаните можат да го повлечат.

„Да почекаме, да видиме какви ќе бидат тенденциите“, одговори гувернерот.

Славески потоа ја објасни најавената постапка за промена на сопственоста. Според него, до Алта банка Белград, како сопственик на акциите, е испратено писмо со рок од три дена да ги понуди на продажба. Писмото, како што рече, е врачено во Агенцијата за осигурување депозити, која ја извршува функцијата стечаен управник.

Гувернерот спомена и рок од десет дена во кој, доколку продажбата не успее, акционерот треба да ја овласти Народната банка да ги продава акциите. Најави дека таа би ги понудила на берзата преку аукција.

Славески изрази уверување дека ќе се појави заинтересиран купувач, повикувајќи се на, како што ги оцени, солидните биланси на банката.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?