Македонската фудбалска репрезентација вечерва ја пречекува Словенија во шестото, последно коло од групата Б1 во Лигата на нации. Натпреварот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје почнува во 20:45 часот.
Избраниците на Гоце Седлоски ќе се обидат пред домашната публика да ја прекинат серијата од пет порази и да ги освојат првите бодови во овој циклус. Македонија досега постигна еден, а прими 12 гола. Првиот погодок го забележа на последното гостување во Глазгов, каде загуби од Шкотска со 2:1
Селекторот најавува похрабра игра и поголема ефикасност во нападот.
„Мора да тргнеме поофанзивно од претходните дуели. Создаваме шанси, а кога на вакви дуели креирате по 2-3 шанси – треба да ги искористите“, порача Седлоски.
Тој ја опиша Словенија како компактна селекција, опасна при преминот од одбрана во напад, но изрази уверување дека Македонија може да стигне до победа. Според информациите од прес-конференцијата, единствена дилема поради здравствената состојба е настапот на Димитар Митровски.
На првиот дуел во овој циклус, одигран на 29 септември во Љубљана, Словенија победи со 2:0. Македонија има и убави спомени од домашните пресметки со овој противник: во квалификациите за Европското првенство во октомври 2019 година славеше со 2:1, со двата гола на Елиф Елмас.
Билетите за вечерашниот натпревар чинат 500 денари и се достапни преку официјалната електронска платформа на ФФМ.

