Албанскиот премиер Еди Рама смета дека Бугарите треба да бидат внесени во Уставот на Македонија, бидејќи тоа произлегува од договорот постигнат со француско посредување. Во интервју за Бугарската национална телевизија, тој изјави дека сега нема причина да спори со бугарското раководство за ова прашање.
Рама беше прашан дали денес гледа повод за несогласување со Софија, откако во претходен разговор за БНТ зборувал за спор со бугарските власти во периодот пред постигнувањето на договорот.
Според него, тогашната ситуација била поинаква. Сега, како што оцени, потребата од внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав е јасна, затоа што е резултат на договор меѓу двете страни.
Во интервјуто Рама зборуваше и за антивладините протести во Албанија, тврдејќи дека тие стивнуваат. Репортажата на БНТ, сепак, посочува дека иако во работните денови во Тирана се собираат помалку луѓе, демонстрантите продолжуваат со протестите речиси шест месеци.
Незадоволството почна поради плановите за туристички проект во заштитеното крајбрежје кај Звернец, поврзуван со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Потоа прерасна во пошироки барања за оставка на Рама и неговата влада.
На протестите им се приклучија и студенти, незадоволни од условите на универзитетите, трошоците за образование и ограничените можности за вработување.

