УНИЦЕФ и Македонската берза денеска, 20 ноември, во Скопје ќе го одбележат Светскиот ден на детето со настанот „Ѕвониме за децата“, со кој ќе започне и одбележувањето на 80-годишнината од основањето на УНИЦЕФ.
Настанот ќе се одржи од 9:30 до 10:30 часот во атриумот на трговскиот центар Diamond Mall. Во 10 часот, децата ќе им се придружат на претставниците на УНИЦЕФ, Македонската берза и националните партнери во симболичното ѕвонење на берзанското ѕвоно.
Со оваа иницијатива организаторите ќе ја потврдат заложбата правата на децата и нивните потреби да бидат во центарот на одлуките што ја обликуваат иднината на земјата.
На настанот ќе се обратат Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ, Иван Штериев, главен извршен директор на Македонската берза, Ѓоко Велковски, министер за социјална политика, демографија и млади, Весна Јаневска, министерка за образование и наука, и Петар Петровиќ, главен директор за човечки ресурси во „Алкалоид“.
Светскиот ден на детето се одбележува на 20 ноември и е посветен на промовирањето на правата, благосостојбата и заштитата на децата. Овој датум е поврзан со усвојувањето на Декларацијата за правата на детето во 1959 година и Конвенцијата за правата на детето во 1989 година.
Оваа година Светскиот ден на детето е глобален ден на УНИЦЕФ за акција за децата, од страна на децата и се одвива под мотото: Мој ден, мои права, моја иднина.
Сите деца имаат право да бидат слушнати и да учествуваат во одлуките што влијаат врз нив, порачуваат од УНИЦЕФ.
Одлуките што се носат денес – во време кога се зголемуваат конфликтите, климатските шокови и нееднаквоста – ќе ја обликуваат иднината на секое дете.

