Студениот бран што ја зафаќа Македонија денеска, 23 ноември, носи снег на планините и мешани врнежи од дожд и снег на дел од повисоките места. Во Скопје, УХМР најавува повремен локален дожд.
Со првите посериозни врнежи често се враќа и впечатокот дека снегот ги „изненадил“ службите. На патиштата низ земјава знае да има застои, а во градовите дел од улиците се веќе проодни додека други сè уште чекаат да бидат исчистени. Кога ќе заврне снег во Скопје, кој треба да ја исчисти вашата улица и во кој рок?
Булеварите ги чисти Градот, другите улици општините
Во Скопје, Градот е надлежен за булеварите и собирните градски улици, а скопските општини за преостанатите улици. Ако вашата улица е затрупана, во списокот на ЈП „Улици и патишта“ можете да проверите кој ја одржува и до кого да ја упатите пријавата.
Според член 22 од Законот за јавна чистота, Градот и општините треба да го исчистат снегот од јавните површини во своја надлежност најдоцна шест часа од почетокот на снежните врнежи.
Кој го чисти снегот пред влезот?
Сопствениците или корисниците на јавни објекти треба веднаш да почнат со чистење на отворениот простор пред објектот за да обезбедат непречен пристап. Град Скопје ги повикува и граѓаните и фирмите да ги расчистуваат снегот и мразот од пристапите до станбените и деловните објекти.

