Опозицијата бара Агенцијата за супервизија на осигурување да одговори дали ја преиспитала согласноста за квалификувано учество на Давор Мацура и дали се преземени мерки за заштита на осигурениците.
СДСМ бара институционална проверка на преземањето на осигурителното друштво ЗОИЛ Македонија од страна на Давор Мацура, посочувајќи дека јавноста треба да добие одговори за финансиската стабилност на друштвото, заштитата на осигурениците и постапката во која било одобрено преземањето.
На прес-конференција, портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, не само што овозможиле влез на Алта банка во македонскиот банкарски сектор, туку, според партијата, му овозможиле на Мацура да го купи и ЗОИЛ Македонија за околу 1,7 милиони евра.
Кузеска праша дали осигурителното друштво може непречено да ги исплаќа штетите на осигурениците и дали се загрозени исплатите од полисите за автомобилско, имотно, патничко и здравствено осигурување, како и покривањето штети од сообраќајни незгоди и повреди при работа.
Од СДСМ бараат Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) да соопшти дали, по приведувањето на Мацура во Србија и одземањето на дозволата на Алта банка, ја преиспитала согласноста за неговото квалификувано учество во осигурителното друштво. Партијата бара одговор и дали друштвото располага со законски предвидениот минимален капитал, дали му биле изречени супервизорски мерки и што е преземено за заштита на осигурениците.
Кузеска се повика и на информации што, според неа, СДСМ ги добил од свиркачи. Таа рече дека барањето за преземање на осигурителното друштво наводно било обработено за два и пол дена и побара да се провери дали во таков рок можеле да бидат спроведени сите потребни проверки.
Дополнително, таа изнесе тврдење дека во трансакцијата наводно посредувала брокерска куќа во сопственост на братот на претседателката на Советот на експерти на АСО, Дракуловска. Кузеска оцени дека, доколку оваа информација се потврди, би се отворило прашање за можен судир на интереси.
СДСМ бара АСО да одговори дали проверила можен судир на интереси и дали кон Алта Осигурување ги применувала истите критериуми за супервизија како и кон другите осигурителни друштва.
Опозицијата побара Народната банка, Комисијата за хартии од вредност и АСО да ја објават целата документација за постапките, вклучително и хронологијата на одлучувањето, датумите, мислењата, согласностите и имињата на лицата што учествувале во носењето на одлуките.
Кузеска ја критикуваше и Владата за односот кон случајот со Алта банка, обвинувајќи ја дека наместо да се отвори истрага, се зборува за спас на банката. Таа упати повик и до обвинителот Савески да постапува независно и во согласност со законот.

