Вкупно 28.035 граѓани се вакцинирани против сезонски грип заклучно со денеска, 23 ноември, соопшти Министерството за здравство. Преку електронскиот систем „Мој термин“ за вакцинација се пријавиле 79.011 лица.
Досега се закажани 54.778 термини, од кои 23.225 се претстојни. Реализацијата на веќе поминатите термини изнесува 88,9 отсто.
Од Министерството информираат дека пристигнале дополнителни над 26.000 дози вакцини, кои се дистрибуираат до вакциналните пунктови низ државата.
Вакцинацијата е бесплатна и се спроведува на 31 пункт. Приоритет имаат лицата над 65 години, хронично болните, здравствените работници, бремените жени и децата на возраст од шест месеци до пет години.
Министерството ги повикува граѓаните од ризичните групи да се вакцинираат и навреме да се заштитат. Воедно, апелира оние што добиле СМС со закажан термин, а не можат да дојдат, да го откажат за да му биде достапен на друг пациент.
