Поранешниот претседател на Србија и актуелен пратеник Александар Вучиќ нема да биде уапсен како политички противник, туку само доколку против него постојат доволно докази, со обезбедено јавно и праведно судење. Ова денеска за агенцијата Фонет го изјави Јово Бакиќ, шеф на пратеничката група на Студентската листа во српскиот парламент, реагирајќи на најавите на Вучиќ дека во случај на приведување ќе стапи во штрајк со глад.
Вучиќ во понеделникот, при гостувањето на телевизијата Пинк, зборуваше за можноста да биде уапсен, нагласувајќи дека нема намера да се крие и дека евентуалното приведување би го дочекал со штрајк со глад. Според неговите тврдења, ваквиот чекор би можел да предизвика излегување на милион луѓе на улиците.
Бакиќ ги отфрли ваквите најави како притисок врз институциите и порача дека правната постапка ќе се води исклучиво врз основа на факти.
„Тој може да штрајкува или да не штрајкува со глад, во секој случај можеме да ветиме дека ќе има праведно и јавно судење. И самиот рече дека бара јавно судење и во тоа секако ќе му помогнеме“, рече Бакиќ.
Осврнувајќи се на најавите дека претставниците на Српската напредна странка (СНС), предводени од Вучиќ, најверојатно нема да учествуваат во работата на собраниските комисии поради тоа што не им биле понудени претседателски функции, шефот на пратеничката група на Студентската листа оцени дека тоа е исклучиво нивна одлука.
„Ако сакаат да учествуваат, тие секако учествуваат и имаат право на тоа. А ако не сакаат да учествуваат, повторно, тоа е нивна желба“, изјави Бакиќ пред денешното продолжение на конститутивната седница на Собранието на Србија.
Тој најави дека формирањето на собраниските комисии се очекува денеска или утре, по што ќе следува и конституирање на меѓународните парламентарни делегации.
Во изјавата за Фонет, Бакиќ се осврна и на претстојниот самит на Европската Унија и Западен Балкан во Брисел, посочувајќи дека досега не била разгледувана можноста наместо актуелниот претседател на Собранието на Србија, Александар Чупиќ, некој друг да ја претставува државата, но дека таквата опција не е целосно исклучена.
„Тоа е многу непријатна ситуација за нас, затоа што таму ќе има многу негативен говор за Република Србија поради активностите на поранешниот режим и малку е непријатно човек да слуша сè најлошо за сопствената земја, а да не биде виновен за тоа“, рече Бакиќ, додавајќи дека на тој собир сепак може да се одговори на критиките и да се претстави поинаква слика за Србија.
Новиот состав на Собранието на Србија е во фаза на конституирање по парламентарните избори во 2026 година, на кои Студентската листа ја освои најголемата пратеничка група, додека досега владејачката Српска напредна странка премина во опозиција.

