Од реката што некогаш беше љубов, остана само надеж: Градовите на Вардар – Скопје

„Градовите на Вардар“

Втората епизода од серијалот „Градовите на Вардар“, инспирирана од „Програмата за управување, користење и заштита на водите“ на Владата на Швајцарија е за Скопје.

Снимањето на репортажата го започнавме на на брегот на реката каде што во раните 70-ти години беше последната градска плажа.

Летно време беше преполна со капачи. Од тоа место до вливот на реката Лепенец се пливаше и се изведуваа водените лудории со гуми од автомобили или камиони, а потоа со трчање назад за уште едно радосно спуштање.

На десната страна на реката по нејзиниот тек беше последниот долап, големите тркала со прикачени канти кое се вртеше благодарение на реката, ги полнеше кофите со вода и ги истураше на врвот во конструкција во мрежа од цевки кои водата ја разнесуваа во последните поголеми скопски бавчи додека уште не беа изградени последните блокови згради на Карпош 4.

Дали денес би пливале во Вардар? Дали би го пуштиле вашто дете безгрижно да шлапка во неговите води?

Се разбира – не. денеска вардар е со највисок степен на органско и хемиско загадување.

Еднаш во месецот, Центарот за јавно здравје прави хемиски и бактериолошки испитувања на водата за пиење и капење. Резултатите покажуваат дека бактериолошкото загадување на реката вардар е четврта категорија, додека хемиското загадување е петта категорија.

Долж сливот на реката Вардае живеат 1,6 милиони жители

Еден многу важен факт: во подрачјето на сливот на реката вардар живеат приближно 1,6 милиони жители.

Затоа квалитетот на водите на Вардар, на реките што се влеваат во него, како и на подземните води што се дел од целиот тој воден систем, е исклучително важен.

Северна македонија, со поддршка на швајцарската и „Програмата за управување, користење и за заштита на водите“ е на пат да го направи клучен чекор во подготовката на планот за управување со речниот слив.

Освен целта нашите реки да имаат чисти води, намена на планот за управување со речниот силв е да се идентификуваат и анализираат најрелевантните предизвици поврзани со постигнувањето на целите на рамковната директива за води на Eвропската Унија.

Јан Квиатковски, тим лидер на швајцарската „Програма за управување, користење и заштита на води“

Јан Квиатковски, тим лидер на швајцарската „Програма за управување, користење и заштита на води“, вели дека програмата е силно фокусирана на спроведување на концептуалните елементи на интегрираното управување со водните ресурси.

„За таа цел, се фокусираме на зголемување на капацитетите и нивото на управување кај централните власти, како и на подигнување на јавната свест и создавање општество кое е свесно за важноста на ова прашање. Целта е да се унапреди управувањето со водите во согласност со барањата на законодавството на Европската Унија, а истовремено да се одговори на предизвиците поврзани со климатските промени и сложената хидролошка состојба.“

Пречистителната станица Скопје до 2028 ќе биде завршена

Во полн ек се работите на пречистителната станица скопје, на десеттина километри од градот. Преку колекторскиот систем на градската канализација ќе се собираат отпадните води и ќе се насочуваат кон пречистителната станица од каде што со висок степен на прочистеност ќе се влеваат во Вардар.

Линдита Шакири, раководителката на проектната единица за имплементација на проектот Пречистителна станица Скопје

Линдита Шакири, раководителката на проектната единица за имплементација на проектот Пречистителна станица Скопје ни ги даде најновите информации за статусот на изградбата.

„Капацитетот на пречистителната станица е 650 илјади жители и еве можеме да се пофалиме дека и во блиска иднина и за две години отприлика од сега и град Скопје, ќе има пречистителна станица, а за жал досега бевме еден од ретките главни градови во регионот кој нема пречистителна станица.“

„Се работи за едно технолошко чудо да речам. При тоа е важно да кажеме дека, пречистувањето на водата ќе биде механичко и биолошко, во блиска иднина. Според критериумите од Европска унија ќе одиме и кон терцијарен третман, мmm, за согорување на, милта, кое е една од големите еколошки загадувачи, ќе се оди со согорување, што исто така ќе биде, редок случај во пречисти-пречистителните станици во регионот.“

Со цел функционирање непречено функционирање на пречистителната станица за отпадни води, вели Шакири, во фаза е и доизградба на колекторскиот систем кој треба да ја поврзе станицата со, канализациониот систем од градот.

„Со гордост можеме да кажеме дека некаде во 2028, 2029, бидејќи имаме три години градба и две години период на, пробна работа, град Скопје ќе има и своја пречистителна станица.“

Линдита Шакири вели дека со пречистителната станица, ефектот врз животната средина е од огромна важност, како за билошкиот свет на водите, така и за подземните води, пред сѐ и за подобрување на животот на граѓаните во град Скопје.

Управувањето со водите е од важност и за заштита од поплави и од климатските промени

Сливот на реката Вардар, како најголем во државата, се карактеризира и како подрачје со најизразен потенцијален ризик од поплави.

Анализите покажуваат дека најголем дел од вкупните штети предизвикани од поплави во сливот на реката вардар, односно дури 71 %, се концентрирани во потсливот на среден вардар (кој го опфаќа и скопје), по што следуваат потсливовите на црна река со 8 % и долен и горен вардар со по 7 % од вкупните проценети штети.

проф. д-р Ивица Милевски, Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ

И програмата и експертите вклучени во оваа програма, како проф. д-р Ивица Милевски, Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ, е  во односн  на овој аспект, тргнуваат од искуствата што за овие прашања ги дава природата, како најдобар извор на решенија кои се однесуваат на последиците од климатските промени.

„Една од главните цели е токму тоа и она што се прави кај нас во последните години е на некој начин сé поголемо раширување на тие nature based solutions во поглед на заштита и референтни системи на природните водни објекти кај нас и се надеваме дека навистина сé тоа ќе доведе до подигање на квалитетот на водите, бидејќи ако земеме пример дека некои реки пример или некои површински и подземни води кои што во минатото биле доста загадени во Западна Европа, сега се навистина неверојатно уредени, прочистени, исфилтрирани и се користат дури на пример Сена веќе од пред некој месец се користи за капење.“

„Да не зборуваме за бројни други реки, посебно низ централните градски подрачја се озеленети за да придонесат за намалување на оние топлински ефекти, посебно во летниот период со оглед на климатските екстреми, топлотните бранови така натаму и се надеваме дека сé тоа ќе биде донекаде барем применето и кај нас во идните пет, десет години и да можеме навистина да се пофалиме со многу почисти, поквалитетни површински и подземни води и поквалитетни реки и езера што ги имаме.“

Една од целите на програмата е да се соберат мислења и коментари од институциите, стручната јавност и граѓаните за клучните предизвици и приоритети поврзани со управувањето со водите.

Важно е да се обезбеди активно, транспарентно и инклузивно учество во подготовката на планот за управување со сливот на реката Вардар, истовремено со подигнување на јавната свест и промовирање на одржливо користење и заштита на водите.

Граѓански мониторинг и интегриран пристап

Процесот ги вклучува институционалните засегнати страни, вклучително и државните органи, агенциите и советот за управување со сливот на реката вардар, како и економските сектори, граѓанското општество и пошироката јавност.

Кирил Ристовски, претседател на Центар за еколошка демократија „Флорозон“

Кирил Ристовски, претседател на Центар за еколошка демократија „Флорозон“, во репортажата за Вардар говори за учеството на граѓанските организации во Програмата.

„Нашата организација Центар за еколошка демократија Флорозон активно зема учество во реализацијата на програмските активности на самата програма и споделуваме, да кажам, едно позитивно искуство. Со оглед на тоа што ни беше овозможено, пред се да бидеме дел од една, да кажеме планирачка активност, каде што граѓанското општество пред се зема централен дел, а понатаму значи да бидеме дел и од мониторингот на водните тела, односно да констатираме одредени теренски состојби со коишто се соочува целокупниот систем на управување со водите на нашата земја.“

Во близина на локацијата каде што се гради пречистителната станица Скопје, ја испраќаме реката Вардар кон Таорската клисура.

Таму водите на вардар се мешаат со водите на Пчиња, река која со себе ги носи водите на Кумановска река, една исклучително загадена река и тоа добар момент да ја истакнеме неопходноста од интегрирано управување со речните сливови.

Системот за заштита на водите треба да се примени во сите општини и речни сливови зашто она што се случува со водата на едно место има влијание и понатаму по течението.

Тој интегриран пристап треба да се применува и како стратегија на сите институционални чинители кои учествуваат во овој процес на локално, регионално и национално ниво.

Сите што ја користат водата како неопходен, животно важен ресурс, да покажата одговорност и да учествуваат во креирањето и спроведувањето на планот за управување со водите по европски стандарди.

Нашата следна епизода од овој серијал е за Велес и индустриското загадување на Вардар и за мерките што се преземаат со „Програма за управување, користење и заштита на води“.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?