Функционален систем по македонски рецепт: кравите зад решетки по три години слободно пасење

крави Крива Паланка

По години неконтролирано движење низ Крива Паланка и околните населени места, над илјада крави конечно добија нова адреса – затворите во Идризово и Прилеп. Државата активираше седум институции за да го реши проблемот што со години ги мачи жителите, ги оштетува нивните имоти и земјоделски насади и ја загрозува безбедноста.

Кравите добиваат нова адреса

Операцијата за заловување и згрижување на добитокот влезе во оперативна фаза. Првиот чекор е мапирање на локациите, утврдување на бројот на животни и пристапноста на теренот, по што ќе следуваат заловување, ветеринарна контрола и транспорт. Во почетната фаза, животните ќе бидат привремено сместени во затворските економии во Идризово и Прилеп.

Затворските економии се стопански единици во рамките на казнено-поправните установи, кои функционираат како земјоделски стопанства. Во нив се одгледуваат животни и се произведува храна, а дел од работните активности може да ги извршуваат и осудениците. Во конкретниот случај, кравите ќе бидат привремено згрижени на фармите во рамките на затворите во Идризово и Прилеп, а не во затворските простории.

Стадото растеше, додека институциите не постапуваа

Проблемот, меѓутоа, не е од вчера. Пред три години стадото броело околу 600 грла, а денес бројката надминува илјада. Во меѓувреме, институциите донеле решенија, поднесувале пријави и воделе постапки, но проблемот продолжил да расте заедно со стадото.

Кравите стигнаа и до светските медиуми

Обвинителен предлог против сопственикот и неговите две ќерки за спречување службено лице во вршење службено дејствие е поднесен минатата година. Судскиот процес во Крива Паланка сè уште нема завршница. Дополнително, во ноември годинава беше пријавен и физички напад врз 67-годишна жителка, која според информациите од МВР се здобила со тешки телесни повреди во инцидент поврзан со проблемот со кравите.

Сега, седум институции се координираат за да го направат она што со години не успевале да го спроведат.

Кравите барем ќе добијат привремено сместување. За жителите останува прашањето колку долго ќе мора да чекаат институциите да почнат да функционираат навреме, а не дури кога проблемот ќе стане невозможно да се игнорира.

Изгледа дека во македонскиот рецепт за функционален систем, јавниот притисок е тајната состојка.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?