Мрежата за заштита од дискриминација бара одговорност од Жаклина Пешевска, претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, поради, како што наведува, седуммесечното отсуство на заклучоци од надзорната расправа за заштита на жените од насилство и тримесечното одложување на усвојувањето на предложените законски измени.
Во соопштението по повод кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, Мрежата потсетува дека во април годинава била организирана надзорна расправа за заштитата на жените од насилство, а во август Пешевска, заедно со други пратенички, ги поднела предложените законски измени за подобрување на нивната заштита.
„Каде се заклучоците од надзорната расправа? Зошто законските измени што самите ги поднесовте сè уште не се ставени на дневен ред?“, прашуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Организацијата ја продолжува кампањата „Ѕид на срамот“, преку која упатува јавни прашања до претседателката на собраниската комисија. Од Мрежата оценуваат дека застојот во постапувањето е особено загрижувачки во услови кога, според нивното соопштение, од почетокот на годината се регистрирани седум фемициди.

Воедно, Мрежата ја поврзува заштитата од насилство со унапредувањето на родовата еднаквост и прашува каква одговорност презема Пешевска за, како што наведува, уназадувањето на родовата еднаквост и отстранувањето на одредбите за заштита од дискриминација и насилство од образовните закони.

„Од претседателката на Комисијата за еднакви можности очекуваме конкретни постапки за унапредување, а не уназадување на правата на жените“, наведуваат од Мрежата.
Оттаму бараат одговорност и конкретни резултати во собраниските постапки поврзани со заштитата на жените од насилство.


