Ум Захра пет дена не знаела што се случува со нејзината осумгодишна ќерка. Нејзиниот поранешен сопруг го одзел детето, а според нејзиното сведочење, побарал 35 милиони ирачки динари, односно околу 22.700 долари, за да ѝ дозволи да ја види или да го слушне нејзиниот глас.
Нејзината приказна, објавена во ирачкиот медиум 964media во мај годинава, е една од многуте што ја илустрираат борбата на мајките за старателство над сопствените деца по промените во семејното законодавство.
Една година по стапувањето во сила на новиот верски кодекс за личен статус, последиците стануваат сè повидливи. Репортажа на Франс 24, предупредува на пораст на детските бракови и споровите за старателство.
Права што жените ги имале со децении сега се доведени во прашање
Во 2025 година ирачкиот парламент усвои измени со кои се овозможи брачните и семејните односи да се регулираат според верски правни правила.
Во октомври истата година започна примената на новиот Џафари кодекс, заснован врз шиитската правна традиција.
Според претходниот Закон за личен статус од 1959 година, мајката имала предност при определувањето на старателството до десетгодишна возраст на детето, со можност судот да го продолжи тој период до 15 години.
Според новиот кодекс, кај семејствата на кои тој се применува, старателството преминува на таткото кога детето ќе наполни седум години.
Организацијата „Хјуман рајтс воч“ предупредува дека новите правила ја поткопуваат правната еднаквост и овозможуваат сериозно ограничување на претходно стекнатите права на жените.
Илјадници мајки во борба за старателство
Во најновиот извештај на Агенцијата на Европската Унија за азил, објавен во ноември, се наведуваат претходни извештаи според кои приближно 4.400 мајки наводно го изгубиле старателството до октомври 2025 година поради примената на новиот кодекс.
Бројката не претставува независно потврдена официјална национална статистика, но укажува на потенцијалните размери на проблемот.
Дополнителен ризик е можноста новите правила да влијаат и врз претходно решени бракоразводни постапки и одлуки за издршка.
За жените што веќе изградиле самостоен живот по разводот, тоа создава нова правна и егзистенцијална неизвесност.
Ги одгледувале сами, а сега треба да ги предадат
На протестот организиран во Багдад во мај годинава, мајки сведочеа за години самостојно одгледување на децата, финансиски тешкотии и страв дека ќе бидат принудени да се разделат од нив.
Една од нив, Ум Хусеин, раскажала дека ги одгледувала децата без финансиска поддршка откако сопругот се развел од неа и повторно се оженил.
Дел од разведените татковци, од друга страна, ги поддржуваат измените, сметајќи дека тие им овозможуваат поголем пристап до децата и остварување на родителските права.
Но организациите за човекови права предупредуваат дека автоматското определување на старателството според возраста не остава доволно простор за индивидуална проценка на најдобриот интерес на детето.
Детските бракови повторно во фокусот
Законските измени предизвикуваат загриженост и поради ризикот од зголемување на бројот на малолетнички бракови.
Раниот брак често значи прекин на образованието, финансиска зависност и ограничени можности за самостоен живот. Девојчињата што стапуваат во брак на рана возраст се изложени и на поголеми здравствени и социјални ризици.
За женските организации во Ирак, борбата против новите правила не е само борба за старателство или за правото на развод. Таа е борба за правото жените самостојно да одлучуваат за сопствениот живот и иднината на своите деца.

