Албанија го прослави Денот на независноста со солзавец и барања за оставка на Рама

Албанија

Наместо национална прослава, 114-годишнината од независноста на Албанија денеска беше одбележана со масовни антивладини протести, полициски кордони, водени топови и солзавец. Илјадници граѓани пристигнаа во Тирана од различни делови на земјата, барајќи оставка од премиерот Еди Рама, кој е на власт од 2013 година.

На плоштадот „Скендербег“ се собраа студенти, пензионери, работници, но и Албанци кои специјално за протестот пристигнале од дијаспората.

Демонстрациите прераснаа во судири со полицијата, а дел од демонстрантите се обидоа да стигнат до кабинетот на премиерот.

Од еколошки протест до политички бунт

Почетоците на граѓанското незадоволство датираат од крајот на мај, кога започнаа протестите против голем луксузен туристички проект на албанското крајбрежје, поврзан со инвестициска компанија основана од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Движењето, познато како „Фламинго“, постепено прерасна во поширок граѓански отпор, на кој во септември му се приклучија и студентите.

Денес барањата веќе не се однесуваат само на заштитата на природата. Демонстрантите бараат подобар животен стандард, поквалитетно образование, достапно здравство, работни места и борба против корупцијата.

Една од пораките на денешниот протест беше дека Албанија не е на продажба.

Четвртиот мандат на Рама под притисок

Еди Рама минатата година освои четврти премиерски мандат, но актуелните протести претставуваат сериозен предизвик за неговото владеење.

Владата ги отфрла обвинувањата за корупција, повикува на дијалог и воведе мерки за поевтини горива и дополнителна финансиска поддршка за сиромашните семејства.

Рама, исто така, тврди дека спорниот туристички проект е законски и дека природните живеалишта ќе бидат заштитени.

Политичката криза се продлабочува во период кога Албанија има амбиција да стане членка на Европската Унија до 2030 година. Но додека владата во Брисел се претставува како успешен пример на европската интеграција, на улиците сè погласно се поставува прашањето кога граѓаните ќе ги почувствуваат придобивките од тој напредок.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?