Снежните врнежи вечерва ги донесоа првите ограничувања за товарниот сообраќај на македонските патишта. Поради зимските услови, воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Маврово – Дебар.
Слаб снег врне и на планинските превои Стража, Попова Шапка и Деве Баир, додека на Плетвар видливоста поради магла е намалена до 100 метри.
На терен е ангажирана механизацијата на ЈП „Македонијапат“ за одржување на проодноста на патиштата.
Следува уште снег, а потоа и температури до минус 18 степени
Според најавите на УХМР, снежните врнежи ќе продолжат и во недела. На планините се очекува нова снежна покривка до 20 сантиметри, а на повисоките населени места до десет сантиметри.
По престанувањето на врнежите следува значително заладување, со температури до минус 16 степени во вторник и до минус 18 степени во среда.
Ваквите временски услови можат да предизвикаат дополнителни ограничувања во сообраќајот, особено на планинските превои, каде што покрај снегот, опасност ќе претставува и замрзнувањето на коловозите.
На возачите им се препорачува пред тргнување да ја проверат проодноста на патните правци и да не патуваат без соодветна зимска опрема.

