Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Димитар Башевски лауреат на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП за збирката песни „Дни, години“

Истакнатиот македонски поет, романсиер, книжевен преведувач и издавач Димитар Башевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за поетската збирка „Дни, години“, во издание на „Слово“. Наградата се доделува од Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија.

Жири-комисијата што одлучуваше за наградата ја сочинуваа Веле Смилевски (претседател), Милован Стефановски, Славица Гаџова Свидерска, Трајче Стамески и Марина Мијаковска (секретар). Тие после прочитот на сите 35 пристигнати книги направија селекција и во потесниот круг од пет книги, покрај „Дни, години“ на Башевски, влегоа и збирките: „Две мориња“ на Јосип Коцев, „Мед и младост“ на Гордана Михаилова Бошнакоска, „ Филмски песни“ на Дејан Трајкоски и „На врв на јазикот“ од Катица Ќулафкова.

Во образложението за одлуката на жири-комисијатата се вели дека наградената стихозбирка „Дни, години“ од Димитар Башевски претставува значаен прилог во новите текови на современата македонска поезија. Станува збор за книга со длабоки животни промислувања кажани преку наизглед едноставен поетски јазик.

Димитар Башевски сведочи дека неговите поетски вертикали, чии корени се во минатиот век, и натаму се одликуваат со творечка виталност, со жив и сочен поетски говор и со сугестивен и актуелен тематско поетски простор. Притоа тој мајсторски се потпира на досега стекнатото творечко искуство, велат од СВП.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново