Нивните настапи секогаш се успешно реализиран порив за убаво споделена енергија, што струи меѓу уметниците и публиката и создава флуид
Викица Костоска Пенева – музиколог и професор по пијано
Фестивалот „Охридско лето“ игра посебно важна улога во афирмацијата на македонските музички уметници во сферата на класичната музика, како и во претставување на современото македонско музичко творештво. Тоа е нашиот најпрестижен подиум со гостувања на врвни уметници од целиот свет, но и бројна интернационална публика што со задоволство ги следи програмските содржини на фестивалот. Без сомнеж, забележуваме дека македонските уметници со особен пиетет пристапуваат кон настапите на „Охридско лето“ и токму тука остваруваат високи музички дострели.
Камерното трио „Аура“, што го сочинуваат уметниците: Страшо Темков – флејта, Марјан Милошевски – фагот и Ана Гацева – пијано, е еден од најафирмираните македонски ансамбли во областа на камерната интерпретативна уметност. Годинава уметниците одбележуваат десет години плодна концертна дејност, па покрај низата настапи во земјава и во регионот, се претставија и на годинешново „Охридско лето“. Следејќи ја редовно работата на триото, забележуваме дека повеќегодишното заедничко музицирање ја движи нивната концертна кариера во постојана нагорна линија. Со секој нареден концерт сведочиме на континуиран уметнички растеж и зрела интерпретација, што триото „Аура“ го етаблира како високо професионален состав кај нас и на меѓународните сцени. Членовите на ансамблот се редовни професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а покрај тоа градат и солистички кариери и настапуваат со други уметници во камерни состави.
Триото „Аура“ на годинешново „Охридско лето“ понуди избор дела од нивниот познат репертоар – исклучително допадлива програма, слеана во една фина целина, соодветна за летен музички фестивал, што предизвика мошне позитивни реакции кај бројната публика во црквата Св. Софија.
Концертот започна со Баладата за флејта, фагот и пијано (оригинално напишана за флејта, виолончело и пијано) од 1908 година, дел од зрелото творештво на францускиот композитор Шарл Лефевр. Звучниот простор на црквата уште од самиот почеток се исполни со префинетиот тон во воведната тема на флејтата, претставувајќи го Страшо Темков како особено музикален уметник со нагласен афинитет кон креирањето лирска содржина. Пиесата, стилски одблесок од доцниот француски романтизам, претставуваше одличен вовед во концертот и потсетување дека тембровата специфика на дрвените дувачки инструменти во пијано придружба, во звучниот амбиент на „Св. Софија“ добива повисока димензија. Тоа беше суптилна и имагинативна изведба на пасторалната Балада, во полетно темпо и поврзано „дишење“ меѓу флејтата, фаготот и пијаното.
Следуваше Триото А 507 во Еф-дур, од раното творештво на италијанскиот композитор и еден од креаторите на оперското „бел канто“ пеење, Гаетано Доницети. Оваа двоставачна композиција, оригинално напишана за флејта, фагот и пијано, во салонски романтичарски манир е дело што триото „Аура“ со видливо задоволство го изведува на своите концерти, демонстрирајќи сценичност и умешност од камерниот волумен на трите инструменти, да создаде атмосфера како во некој раскошен водвиљ или пак да нé внесе во оперите на Доницети, „Лучија ди Ламермур“ или „Љубовен напиток“. Основата секако лежи во беспрекорно чистата интонација на триото „Аура“, изедначениот ритмичен пулс и елегантното динамичко нијансирање на мелодиските линии.
Веднаш потоа, следуваше изведба на „Рисолуто“ – првиот став од Триото оп. 81 од современиот холандски композитор Јан Коетсиер што покажа еден поинаков енергичен лик на триото „Аура“ како и подеднаква вештина во толкувањето помодерен естетски израз, наспроти романтичните тенденции во претходните пиеси. Во ставот има дословно сценско последователно претставување на тематските линии во фаготот, флејтата и пијаното, а преку динамичната изведба на тројцата вешти музичари, Темков, Гацева и Милошевски, го запознаваме авторскиот портрет на Коетсиер согледувајќи го како мајстор на камерни творби за дувачки состави и пијано. Во вториот став „Адаџо“ (интересна слободна форма), сочинета од секции со разнолик карактер, ги слушнавме индивидуалните тематски појавувања на флејтата, фаготот и пијаното, сплотени во изедначен тонски баланс. Третиот став „Престо“ во живо темпо со сложена ритмичка структура, уметниците го изведоа во еден здив со допадлива грациозност но и со потребната жестина на самиот крај.
Една од омилените пиеси на трио „Аура“ што ја слушаме на нивните настапи е композицијата „Танц на шумата“ од современиот холандско-американски композитор Херман Бифтинк. Тоа е композиција – слика, одлична креација за филмска музичка подлога. Флуидната изведба на динамичните токатни мотиви во пијаното на Гацева и хармоничните унисони делници меѓу флејтата на Темков и фаготот на Милошевски, наполно ја доловија програмската инспирација на авторот и создадоа атмосфера на пасторален предел и експлицитни келтски архаични напеви. Во изведба на музикални уметници како што се членовите на ансамблот „Аура“, „шумскиот танц“ прозвучи во полн сјај.
Особено впечатлива беше изведбата на Трите танци (Easy going, Moody, Coffee Nerves-Prestissimo) од современиот американски композитор Гери Шокер, што преку низа звучни ефекти и адекватен метро-ритам е во директна стилска релација со блуз, “smooth jazz” и мамбо инспирации од разни делови на американскиот континент. Преку весели и динамични дијалози меѓу инструментите, Темков, Милошевски и Гацева ја отсвиреа оваа ефектна композиција прецизно и со многу шарм. Но постигнувањето токму таква лежерна и заводлива нота во ваквиот вид дела ниту е случајна ниту пак е лесна задача. Потребен е извонредно усогласен пулс меѓу музичарите. Триото „Аура“ во целост ја постигна таа цел, на одличен начин ни го претстави стилот на Гери Шокер, а публиката со овации ја поздрави изведбата.
Концертната ревија од допадливи пиеси со топли и приемчиви теми, триото ја заврши мошне соодветно за локацијата со Фантазијата на тема „Ој ти момче охриѓанче“ од Иван Терзиев во преработка на Владимир Димовски. „Аура“ неизоставно негува посебен однос кон современите македонски автори, вклучувајќи нивни дела на сите настапи. На видливо задоволната публика, уметниците и ја подарија на бис и композицијата „Есен“ од Пјацола, уверливо, динамнично и сугестивно, во манир на целиот концерт.
Силно изразен богат тон на флејтата низ ведра и харизматична инетрпретација на Страшо Темков, префинето водење фрази и скерцозен карактер во фаготот на Марјан Милошевски и секако одлично технички сработена пијано подлога со оркестарска бујност, што така умешно ја остварува Ана Гацева, давајќи му темперамент и шармантна глазура на звукот – тоа се спецификите на триото „Аура“. Нивните настапи секогаш се успешно реализиран порив за убаво споделена енергија, што струи меѓу уметниците и публиката и создава флуид. Со концертот на „Охридско лето“ триото „Аура“ ги надмина сопствените уметнички потенцијали, создавајќи навистина силен перформанс. Несомнено десетгодишната темелна посветеност и концертирање ќе им биде инспирација и ќе ги води кон уште поквалитетни и инвентивни уметнички креации во иднина.