Моите и твоите, нашите и вашите

моите

Ја разбирам потребата да ги бранам своите, дури и кога не се согласувам со нив. Многу полесно ми е да барам доследност од другите отколку да замислам дека треба јавно да му се спротивставам на близок човек, знаејќи дека со тоа можам да го изгубам неговото пријателство. Не знам каде би ја повлекол границата меѓу лојалноста кон луѓето што ми значат и сопственото убедување дека нешто што направиле е погрешно.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Некаде кон крајот на деведесеттите години, пред да ја започнам мојата новинарска кариера, имав навика редовно да купувам и да читам магазини од различни земји. Во тоа време тие изданија ми беа многу поинтересни од дневните весници, бидејќи нудеа подлабоки анализи, опширни интервјуа и повеќе простор за темите што дневното новинарство најчесто ги обработуваше во неколку редови.

Уште тогаш имав впечаток дека во дневното новинарство најмногу недостасува одговорот на едно од петте основни новинарски прашања: зошто? На прашањата кој, што, кога и каде најчесто добивавме сосема пристојни одговори, но објаснувањето зошто нешто се случило бараше повеќе време, истражување и простор отколку што дозволуваше дневниот ритам на редакциите.

Меѓу магазините што ги читав имаше и едно белградско издание кое извесен период се продаваше во Македонија. Се викаше „Профил“. Не сум сигурен дали излегуваше месечно или на два месеца, но добро се сеќавам на едно интервју што го прочитав во него, а кое и денес, речиси три децении подоцна, повремено ми се враќа во мислите.

Интервјуто беше со Ѓорѓе Балашевиќ.

Со неговата музика никогаш немав некој посебен однос, иако неговите песни беа постојано присутни додека растев, најпрво во поранешна Југославија, а потоа и во независна Македонија.

Интервјуто беше објавено по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, во период кога војната во Босна беше завршена, а Слободан Милошевиќ сè уште беше на власт во Србија. Неговата политичка иднина беше неизвесна, а прашањето за одговорноста за воените злосторства веќе беше дел од меѓународната политика. Хашкиот трибунал беше формиран, иако обвинението против Милошевиќ ќе биде подигнато дури во 1999 година.

Во тие околности, новинарот го прашува Балашевиќ што мисли за Слободан Милошевиќ и за неговата политика. Одговорот го паметам по смислата, а не по точната формулација, па затоа ќе го пренесам како што ми останал во сеќавањето.

Балашевиќ објаснува дека е аполитичен, дека не се согласува со политиките на Милошевиќ и дека во својата земја има право да го критикува, да му се спротивставува и да бара промени. Меѓутоа, кога е надвор од Србија, неговиот однос е поинаков. Таму нема да дозволи други да го напаѓаат Милошевиќ, бидејќи, без оглед на нивните несогласувања, тој припаѓа на неговиот тим. А човек, кога е надвор, не игра против сопствениот тим.

Ова последново, со тимот, признавам, ми остана во сеќавањето до ден-денес.

Балашевиќ во тоа време беше исклучително популарен низ целиот простор на поранешна Југославија, вклучително и во средините што претрпеа страшни човечки загуби во војните. Неговата антивоена песна „Само да рата не буде“ беше напишана уште пред распадот на државата, а во годините што следуваа доби дополнителна тежина. Милиони луѓе во неговите песни препознаваа човечност, разбирање, сочувство и отпор кон бесмисленоста на војната.

Затоа ме изненади одговорот во интервјуто. Не очекував човек што толку убедливо пишува за човечките судбини да го објаснува својот однос кон политичката одговорност преку припадноста на еден тим.

Оттогаш, речиси секогаш кога ќе ја слушнам „Оливера“, „Д-мол“ или „Одлази циркус из нашег малог града“, некаде по вториот или третиот такт се присетувам на тоа интервју. Не успевам да се ослободам од впечатокот што ми го остави неговото размислување.

Со години се обидувам да разберам зошто таа изјава толку ми пречеше. На крајот на краиштата, припадноста кон семејство, народ, држава, политичка организација или каква било заедница е сосема природна човечка потреба. Луѓето се поврзуваат преку заеднички искуства, јазик, култура, убедувања и спомени. Солидарноста со оние со кои чувствуваме припадност има свое место во нашите односи, а лојалноста често ја сметаме за доблест.

Верувам дека многумина се соочиле со дилемата дали да застанат зад некого само затоа што го сметаат за свој. Често премолчуваме или оправдуваме постапки на блиски луѓе што без двоумење би ги осудиле кај другите, понекогаш од личен интерес, а понекогаш од убедување дека со тоа ја покажуваме својата лојалност.

Во војна ваквите дилеми добиваат сосема поинакви размери, бидејќи одлуката дали ќе застанеш на страната на своите може да подразбира и учество во убивање луѓе за кои немаш никаква лична причина да ги сметаш за непријатели.

Има еден филм, „Гребенот на спасот“, снимен според вистинската приказна за Дезмонд Дос, американски војник во Втората светска војна. Дос бил припадник на Адвентистичката црква на седмиот ден и поради своите верски убедувања одбивал да носи оружје и да убива. Сепак, доброволно се пријавил во американската армија, сметајќи дека има должност да им помогне на своите сонародници во војната.

Неговата одлука предизвикала сериозни конфликти со претпоставените и со другите војници. Одбивањето да носи оружје било доживувано како непослушност, а од некои соборци и како кукавичлук. Дос останал на своите убедувања и служел како болничар.

За време на битката за Окинава во 1945 година, тој спасувал ранети војници под непријателски оган, без да носи оружје. Според официјалното образложение за одликувањето што подоцна го добил, му се припишува спасувањето на околу 75 ранети војници. Станал првиот приговорувач на совеста што го добил американскиот Медал на честа.

Дос ја чувствувал припадноста кон својата држава и бил подготвен да го ризикува животот за другите војници, но неговите лични убедувања не му дозволувале да убива. Не го оспорувал правото на својата земја да учествува во војната против нацистичка Германија и империјална Јапонија, а сепак одбил да постапува според она што неговите претпоставени го очекувале од него. Останал во армијата и ја извршувал својата должност на начин што можел да го прифати.

Се враќам на Балашевиќ и на неговата споредба со тимот. Можеби сакал да каже нешто поинакво од она што јас сум го разбрал пред речиси триесет години. Не знам. Но, неговата изјава и понатаму ме вознемирува, можеби и затоа што не сум сигурен како самиот би постапил во слична ситуација.

Ја разбирам потребата да ги бранам моите, своите, дури и кога не се согласувам со нив. Многу полесно ми е да барам доследност од другите отколку да замислам дека треба јавно да му се спротивставам на близок човек, знаејќи дека со тоа можам да го изгубам неговото пријателство. Не знам каде би ја повлекол границата меѓу лојалноста кон луѓето што ми значат и сопственото убедување дека нешто што направиле е погрешно.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?