Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Брнабиќ: Вучиќ предупреди дека е неизбежен вооружен конфликт на северот на Косово

Српската премиерка, Ана Брнабиќ, изјави дека претседателот на државата Александар Вучиќ во својот говор во Обединетите нации предупредил дека е можно и е извесно на Косово да дојде до конфликт, каков што е во Бањска, јави дописникот на МИА од Белград.

Таа во гостувањето на ТВ Пинк изјави дека единствениот виновник за конфликтот е премиерот на Косово, Албин Курти, и дека тоа е неговиот животен сон.

-Како држава ќе се обидеме да го најдеме најдоброто решение за Србите на Косово и Метохија. Катастрофална е состојбата во која не доведе Албин Курти и молкот на меѓународната заедница. Дали Курти има карт-бланш да убива луѓе на Косово кога ќе му се посака, рече Брнабиќ.

Таа додаде дека не знае дали во овој момент е мудро и од државен интерес да коментира и зборува за настаните на северот на Косово.

Брнабиќ оцени и дека крвта на албанскиот полицаец кој загина во конфликтот на Косово е на товар на премиерот на Косово Албин Курти и да не беше неговата политика тој човек немаше да биде мртов.

Таа изјави и дека голем дел од одговорноста е на меѓународната заедница.

-На Курти не му се важни ниту албанските животи. Вакво нешто можеше да се случи било кој ден и било кога. Никој од нас од овде не може да замисли како им е на Србите на северот на Косово, тие трпат постојано системско понижување и терор, рече Брнабиќ на ТВ Пинк.

Зачлени се на нашиот е-билтен