Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Операцијата кај Бањска завршена – кој сакал од Милан Радојчиќ да направи српски Адем Јашари?

Извор на фотографии: Косовска полиција и Petrit Rrahmani - https://kryeministri-ks.net/en/prime-minister-haradinaj-hosted-the-president-and-vice-president-of-the-serbian-list/, Public Domain, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=138138956
Извор на фотографии: Косовска полиција и Petrit Rrahmani – https://kryeministri-ks.net/en/prime-minister-haradinaj-hosted-the-president-and-vice-president-of-the-serbian-list/, Public Domain, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=138138956

Косовската полиција ја заврши операцијата кај селото Бањска, а властите во Приштина и јавно обелоденија дека во вооружената група која ги нападна косовските полицајци се наоѓал и контроверзниот потпретседател на Српската листа, Милан Радојчиќ, кој се наоѓа и на црната листа на САД. Косовските власти тврдат дека Радојчиќ е повреден и се наоѓа на лекување во Воено медицинската академија во Белград, пишува денеска МЕТА.

Косовскиот премиер Албин Курти го обвини српскиот претседател Александар Вучиќ дека сакал на 24 септември православниот манастир во Бањска да го претвори во „Кулата на Јашари“ за Србите во Косово, наведувајќи дека Вучиќ е опседнат со предводникот на ОВК убиен од српските власти, Адем Јашари, пренесува Н1.

Курти додава дека Вучиќ на состанокот одржан на 2 мај во Брисел наводно рекол дека Милан Радојчиќ ќе стане српскиот Адем Јашари.

„Но, како диктаторот, тој не ја разбира историјата: епови и ослободување не се измислуваат и не се копираат“, наведува Албин Курти.

Инаку, косовската полиција објави снимка од вооружената група која беше опколена во селото Бањска во неделата, на која во униформа и со тешко вооружување наводно се гледа и самиот Милан Радојчиќ. Воедно, тие објавија дека досега се уапсени осум лица, а вооружената група веќе е официјално обвинета за терористички напад.

Официјален Белград, пак, денеска прогласи Ден на жалост на целата територија на Србија. Министерот за одбрана Милош Вучевиќ во изјава за Радио-телевизија Србија вели дека се разочарани од КФОР што гледале од страна и дозволиле “лов на Срби” од косовската полиција. Вучевиќ вели дека КФОР има база во непосредна близина од Бањска, а тој тврди дека по судирот допрва ќе се утврдувало што точно се случило, додавајќи дека многумина избрзале со заклучоци.

„Јас морам да напоменам дека од 1999 година Србија нема фактичка власт на Косово и Метохија и со тоа за нас и нашите органи е многу потешко да ги приберат сите факти“, изјави српскиот министер за одбрана.

Но, американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, по вчерашната средба со косовската претседателка Вјоса Османи, изјави нападот претставувал закана за Косово и дека некој стои позади него. Ховениер изјави дека групата кај Бањска што нападнала била добро тренирана.

„Оваа група не припаѓа на граѓаните, постои некој што стои зад неа, која ја опремил со тешко вооружување“, изјави Ховениер, пренесува Радио-телевизија Косово. 

КоССев.инфо утрово информира дека косовската полиција ја завршила акцијата кај селото Бањска, која три дена се спроведуваше за да се изврши темелен претрес на теренот за пронаоѓање на оружје и друга опрема. Влез во селото и понатаму не е дозволен.

Инаку, Српската листа во северниот дел на Косово самопрогласи тродневна жалост за убиените тројца напаѓачи врз косовската полиција. Во Звечан, Лепосавиќ, северна Митровица и во други населени места се палеа свеќи за загинатите, а во Косовска Митровица во првите редови се најдоа челниците на Српската листа, пренесува КоССев.инфо.

Иако официјално не е соопштен идентитетот на убиените напаѓачи, а изложени се фотографиите од три лица – Н.С. од Звечан, како и Б.М и И.М. од Лепосавиќ. Станува збор за Срби од северниот дел на Косово, а нивното потекло прво го соопшти токму српскиот претседател Александар Вучиќ во вонредното обраќање во неделата.

Инаку, во неделата кај селото Бањска се случи тежок инцидент, при што вооружената група најпрво поставила блокада со камиони на патот кај Бањска. По пријавената блокада, тимови на косовската полиција рано утрово по 2:30 часот пристигнале на местото на настанот. Во поставената заседа, беше убиен косовски полицаец, а двајца беа повредени. По ова, косовската полиција го опколи селото Бањска, прво јавно упати повик до вооружената група да се предаде, а потоа изврши акција за сузбивање, при што тројца припадници на групата загинаа, додека останатите беа уапсени или избегаа.

Зачлени се на нашиот е-билтен