Споменикот на советската армија во Софија, во соседна Бугарија, од денеска е „покриен“ со огромно платно, на кое е прикажан „Европскиот пат на Бугарија“, објави денеска Евроњуз на бугарски јазик.
На платното може да се види дрво, на чие стебло и гранки се означени најважните настани за Бугарија во минатото, па и до денес.
На врвот стои натписот за прием на Бугарија во Шенген и во еврозоната. Подолу се сликите на Левски, Ботев и Захари Стојанов. Претставен е и Стефан Стамболов, поставен покрај натписот за основањето на Третата бугарска држава.
Од порталот Евроњуз ја пренесуваат изјавата која за бугарски „Дневник“ ја даде Регионалната управа на Софија, која стопанисува со споменикот со којашто известуваат дека идејата за поставување на скелето со плакатот била нивна.
„Ова е нашата визија за европскиот пат на Бугарија“, изјавиле за „Дневник“ од тимот на регионалниот гувернер Вјара Тодева.
На прашањето до кога вака ќе биде покриен споменикот, од управата истакнале дека одлуката за поместување на споменикот е неизбежна, но дека постапката мора да помине низ задолжителна процедура на стручни консултации.