– Бугарската противвоздушна одбрана (ПВО) ќе се зајакне со враќање во активна употреба на старите лесни преносни ракетни системи „Стрела-3“, кои изминатите неколку децении ги минаа во складиштата за стратешки резерви, пишува порталот „Балканска безбедносна мрежа“.
Како што се наведува, на полигонот Шабла на брегот на Црното Море биле извршени проверки на ресурсите на ракетите кои биле во магацините.
Ракетите се ремонтирани во бугарска компанија која произведува ракети и артилериска муниција, а бугарското Министерство за одбрана објави дека системот е доверлив, пренесе Бета.
„Во позадина на одлуката за враќање на Стрела-3 на единиците се искуствата од војната во Украина, кои го оживеаја интересот за воздушна одбрана на тактичките единици на копнената армија, кои беа запоставени во последните неколку децении“ се наведува во текстот.
Тој портал потсетува дека во претходниот период поголемиот дел од земјите членки на НАТО и нивните партнери се фокусираа на проценките за безбедносните проблеми со тероризмот.