Мексико се подготвува да го оспори новиот закон на американската сојузна држава Тексас, кој ѝ дозволува на полицијата да апси мигранти осомничени за нелегален влез во САД, изјави денеска мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор.
Обрадор новиот закон на Тексас го нарече нехуман. Гувернерот Грег Абот го потпиша законот во понеделникот со што на локалната полиција и се даваат овластувања кои долго време ги има само американската федерална влада.
Законот, познат како СБ 4, ќе стапи во сила следниот март и со него се воведува нов прекршок поврзан со нелегален влез во Тексас, со казни кои се движат од 180 дена до 20 години затвор.
Покрај тоа, Абот потпиша закон со кој меѓу другото ќе се обезбедат 1,5 милијарди долари за изградба на ѕид на границата со Мексико.
Според федералниот закон, мигрантите кои илегално влегуваат во САД уште сега може да бидат обвинети за нелегален влез или повторно влегување во земјата, но Абот го критикуваше, како што рече, неуспехот на американскиот претседател Џозеф Бајден да ги спроведе тие закони.
Во изминатите неколку години, Абот почна акција за сузбивање на илегалната имиграција наречена „Операција осамена ѕвезда“.
Како дел од таа акција, тој распореди припадници на Националната гарда и постави жица долж границата со Мексико, како и пловечка бариера на реката Рио Гранде.
Левичарскиот претседател на Мексико често го критикува републиканецот Абот и гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, и ги повика Американците со Мексико да не гласаат за нив на изборите.