Вчера, се одржа панел дискусија на тема „Прогресивни политики – одговор на предизвиците на земјите од Западен Балкан“ во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и ПолитикУм – Институт за одржливи и иновативни политики. На овој настан учество зедоа социјалдемократи од земјава и регионот кадешто дискутираа за прогресивните политики и евроинтегративниот процес.
Претставничката на Фондацијата “Фридрих Еберт” за источна Европа, Хелене Кортлаендер истакна дека основниот предизвик со кој се соочуваме во Европа е десничарскиот екстремизам.
„Веруваме дека сите земји од регионот треба да бидат членки на Европската Унија. Прогресивните движења и партиите треба да најдат практични и навремени решенија, а за тоа ни е потребен нов социјален договор“, рече Кортлаендер.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски изјави дека Европската Унија е единствената алтернатива за земјите од Западен Балкан вклучително и за Северна Македонија, за градење економска перспектива, социјална правда, демократија, за подобар живот за граѓаните.
„Пораката од сестринската партија ПЕС, од којашто е и германскиот канцелар Шолц, дека за силна ЕУ е потребен процесот на проширување со Северна Македонија и државите од Западен Балкан е ветар во грбот на прогресивните сили во нашата држава, да се обединиме и да сработиме за полноправно членство во ЕУ во следните неколку години“, рече Ковачевски.
Претседателот на Социјалдемократската партија на Германија, Ларс Клингбеил потенцираше дека тој е првиот германски социјалдемократски лидер што доаѓа во Северна Македонија.
„Интересот на Германија и целата Европска унија е понатамошно проширување, а шесте земји од Западен Балкан се многу важни за интеграцијата да биде комплетна. Доколку сакаме да имаме силна Европска унија, процесот на проширување ни е најважен. Имаме простор и можности, треба да зборуваме како прогресивни лидери што можеме заедно да направиме за шесте земји да влезат во Европската унија и заеднички да бидеме уште поуспешни“, посочи Клингбеил.
Претседателката на ПолитикУм и потпретседателка на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), Радмила Шекеринска во излагање рече дека ПЕС секогаш била за проширување на Европската унија, а женскиот глас и учество треба да бидат водечки во процесот.
„Ние како ПЕС сме најдобриот пријател на Западниот Балкан. Го поддржуваме проширувањето но и нагласуваме дека, тоа треба да биде засновано на вредности, критериуми, да ги направи земјите поефикасни и ориентирани кон граѓаните. ПЕС продолжува да бара ефикасна политика за проширување започнувајќи со Западниот Балкан. Сметам дека заедно во рамките на регионот, како и во форматот на партијата на ПЕС ќе можеме да ја движиме не само агендата на проширување, туку и прогресивната политика. Регионот има што да понуди“, истакна Шекеринска.