Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВИДЕО „Полиграф“: Кој дезинформираше дека премиерот Џафери бил пречекан во Форино со извици „Илирида“, „Косово“, „Чамерија“?

Честопати се случува медиумите да објават изменети видеа преземени од социјалните мрежи без да ја проверат нивната веродостојност.

На 2 февруари 2024, на агрегаторите на вести се појавија наслови со тврдења дека новоизбраниот премиер, Талат Џафери бил пречекан во Форино со извици „Илирида“, „Косово“, „Чамерија“. Повеќето медиуми споделија и видео од социјалните мрежи Х и Тик-ток во кое се слушаат овие извици. Дел од видеото беше емитуван и на ТВ Телма.

Некои портали објавија и текстови со наслов: „Џафери беше пречекан како премиер на Илирида и Чемерија!“, а потоа го избришаа или променија насловот.

Всушност, оригиналното видео од пречекот на Џафери во Форино е објавено од ТВ Глоби од Гостивар и во него нема такви извици. Од ова видео е изваден исечок и на него се намонтирани звуци со навивачки скандирања од друго видео.

Сепак, само малку медиуми известија дека видеото содржи монтиран звук. Порталот „Плусинфо“, кој првично ја објави веста: „ИЛИРИДА, ЧЕМЕРИЈА, КОСОВО! Погледнете како Талат Џафери беше пречекан во родното Форино“, потоа го повлече текстот, се извини и објави дека  „ЛАЖЕН ЗВУК ДОДАДЕН НА ВИДЕОТО СО ТАЛАТ ЏАФЕРИ ВО ФОРИНО Тоа што се слуша е навивачка песна од стадион“.

„Независен“ објави дека „веројатно станува збор за фабрикувана лажна снимка за да се предизвика негативна реакција“. Порталот „Денешен“, иако не ја повлече лажната вест, потоа објави нова вест со наслов: „Извиците „Илирида, Чемерија, Косово“ при пречекот на Џафери во Форино биле дополнително монтирани“.

И овој случај покажува дека медиумите се многу ранливи на пропагандни дезинформации од социјалните мрежи, токму поради отсуството на проверка на фактите и веродостојноста на содржините. Затоа, и медиумите, но и публиката треба да бидат крајно внимателни со вакви содржини и видеа, особено во овој период пред изборите.

(СМК)

Зачлени се на нашиот е-билтен