„Пасоши печати германска фирма избрана на тендер во 2010 година. Договорот со таа фирма се уште е во важност и е таен. Договорот е потпишан кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ, а министерка Гордана Јанкулоска. По тој договор, инсталирана е машина во Македонија, која кога ќе се сликате и ќе внесете податоци треба да го отпечати документот, со капацитет од четири илјади пасоши на ден“, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов во „Студио 10“ на ТВ24.
Тој додаде дека доцнењето за издавањето на документи со новото име, по менувањето на уставот е поради фактот што законите за промена на докуемтите се донесени многу подоцна.
„Едниот закон е донесен во декември 2020 година, а другиот во јуни 2021. Има објективни причини за тоа доцнење, како корона кризата, избори, но најмногу се доцнеше поради расправата дали таму да пишува Македонец, дали граѓанин на Република Северна Македонија. Имаше предлози од албанските партии и за етничка припадност“, рече Пенов.
Министерот кажа дека првите пасоши со Република Северна Македонија формално започаа да се издаваат во јули 2021 година.
„Кога јас влегов во владата, министерот Оливер Спасовски почна да информира дека граѓаните не се јавуват на закажните термини за пасоши. На ден се закажни 4000 термини, но бројката на сликани никогаш не надмина над 3000. Значи илјада термини некој ги зафаќа и не ги користи и им го зема правото на другите граѓани, затоа настанува оваа гужва“, рече Пенов.
„Има многу политиканство со документите. Јас бев шокиран во неделата кога видов соопштение од МВР дека граѓаните ќе бидат казнувани за возачките дозволи, дека нема да важат осигурителните полиси и слично. Една општа хистерија за да им се земе умот на граѓаните, а излезе дека тој што ќе казнува, можел да повика влада и да предложиме проблем за да не се осети проблемот“, рече министерот за локална самоуправа.
Тој додаде дека со ваквото постапување некој намерно создава хистерија и проблеми за да ги револтира граѓаните.
„Пред тоа ние имавме изјава од поранешниот министер Спасовски дека тој што нема да успее да ги промени докуемтите, за внатрешен промет државата нема да му прави проблеми“, рече Пенов.
Министерот за локална самоурпава додаде дека веќе три недели ВМРО-ДПМНЕ го води Министерството за внатрешни работи и ситуацијата со документите не е подобрена туку вложена.
„Еве, владата била неспособна, а што направи новиот министер? Го прекина издавањето на пасоши со образложение дека немало обрасци. Па може да се сликаат луѓето и кога ќе дојдат обрасците ќе се испечатат пасошите, а тој доаѓа на влада, седи кратко и откако ќе си оди ние ги решаваме овие проблеми“, рече Пенов.