Јас веќе имам планови за следниот мандат во Министерството за одбрана и продолжување на модернизација на Армијата, рече министерката Славјанка Петровска во поткастот „Политиканти“ запрашана за нејзините очекувања од претстојните избори.
Прашана за коментар за анкетите што се пласираат во јавноста, Петровска кажа дека тие служат како индикатор за тоа какво е расположението за одредени работи, но истите се и можност, со правилна стратегија да се направи едно мало потсетување за тоа што е направено и уште поважно, што ќе бидат идните проекти.
„Имам доста што да кажеме за се она што досега е направено во државата, со сите мани, пропусти и слабостите кои се детектирани и секој од нас ги знае, така што пристапот што ќе го имаме во кампањата кон граѓаните ќе биде целосно транспарентен и очекувам граѓаните да ги видат споредбите и да се водат од она: не не слушајте нас политичарите што зборуваме гледајте што правиме. Тоа важи за ВМРО-ДПМНЕ, која ќе треба да го каже планот и на дело ќе потврди дека навистина е за ЕУ и продолжување на интеграцијата. Моја претпоставка е дека граѓаните ќе се потсетат што се случувало и дека ќе видат дека во опозицијата ништо не е променето“, истакна Петровска.
Запрашана за настапот на изборите на нејзината партија СДСМ и дали таа ќе се најде на некое од носителските позиции, Петровска кажа дека за тоа се уште се разговара, но дека за сега, нема конечна одлука.
„Официјално немаме одлука за настапот на изборите, но се поголема е веројатноста и се поизвесно е дека ќе настапиме со нашата досегашна коалиција. Во однос на листите, разговарано е во партијата и еден од предлозите е јас да бидам носителка во некоја од изборните единици, но мене ќе ми биде чест, без разлика на која позиција да бидам, да учествувам на изборите како претставник на СДСМ“, посочи Петровска.