Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Доделени „Оскарите“, најдобaр филм е „Опенхајмер“ со плус 6 освоени одличја

Американската Академија за филмски уметности и науки ги додели „Оскарите“ на свеченоста што се одржа утрово во „Долби театарот“ во Лос Анџелес. Филмот „Опенхајмер“ (Oppenheimer) триумфираше со седум освоени одличија, од вкупно 13 номинации. Водител на емисијата беше комичарот Џими Кимел.

„Опенхајмер“, на годинашното, 96-то доделување „Оскари“, ги доби признанијата за најдобар филм, машка главна улога (Килијан Марфи), машка споредна улога (Роберт Дауни Џуниор), режисер (Кристофер Нолан), како и најдобра кинематографија, монтажа и филмска музика.

Вредните статуетки за главна и споредна женска улога отидоа, соодветно – кај Ема Стоун (за филмот „Бедни суштества“) и Дејвин Џој Рендолф („Останатите“). „Бедни суштества“ ги освои и трите „Оскари“ за продукциски дизајн, шминка и фризура и за костимографија.

Најдобро оригинално сценарио, според Академијата, е она за „Анатомија на падот“ на француската режисерка-сценаристка Жустин Трије. Најдобро адаптирано сценарио има филмот „Американска фикција“ на Корд Џеферсон.

„Оскарот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, го доби „Зона на интерес“ (The Zone of Interest) продуциран во Обединетото Кралство и Полска. Ова остварување ја освои и наградата за звук.

Одличјето за најдобри визуелни ефекти го доби филмот „Годзила минус еден“ од Јапонија.

Најдобра филмска песна е „What Was I Made For?“ на Били Ајлиш од филмот „Барби“.

Најдобар цртан филм, според американската Академија, е јапонскиот „Момчето и Херон“. Најдобар краток филм е „Прекрасната приказна за Хенри Шугар“. За најдобар анимиран краток филм е прогласен „Војната е завршена“.

Најградата за документарен филм му припадна на режисерот Мстислав Чернов за „20 дена во Мариопољ“. Најдобар краток документарец е „Последниот дуќан за поправки“ на Бен Праудфут и Крис Бауерс. 

Зачлени се на нашиот е-билтен