Зборувајќи за соработката со други фестивали, уметничката директорка на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ Ана Стојаноска во интервју за Слободен печат рече дека нејзина идеја е се создаде меѓународна мрежа од национални театарски фестивали.
„Идејата е да направиме една мрежа на национални фестивали. Сега, на фестивалот може да се донесе само една претстава од македонски автор работена од странски театар и тоа само во придружна програма, но идејата е да видиме што се случува на сродните фестивали, па да направиме една мрежа, на пример победникот од Војдан Чернодрински да гостува некаде на страна, па нивниот победник да дојде кај нас. Убаво е да се комуницира да се соработува и да се стекнат искуства и да видиме до каде сме ние. И тоа е во план да се направат тие работи, сето тоа да биде функционално и да биде видливо“, порача Стојаноска за Слободен печат.
Стојаноска уште истакна дека е добро е што има повеќе публика во театрите и дека на една држава и на еден народ театарот им е повеќе од потребен.
„Театарот е тука да го искоментира општеството, театарот е тука за да ги прикаже аномалиите на општеството, театарот е тука за да биде за публиката, заради тоа што театарот постои за публиката. Затоа и теататорт ни треба повеќе во кризни и во лоши времиња, отколку во времиња кога сме порелаксирани“, рече таа.
Според неа во последно време очигледно е зголемување на театарската публика, што покажува дека театарот низ вековите постоење успешно ги надминувал сите предизвици.
„Во последно време има посети во театар и има многу публика, сметам дека е тоа добро и сметам дека е многу важно да се вратиме во театар, затоа што едно време бевме приморани да го оставиме театарот поради короната, а и претходно имаше една криза на посетеност каде имаше помалку постителите, каде киното, интернетот ги оддалечија луѓето од театар. Но, театарот преживувал низ векови и ќе преживува и понатаму и ова е еден доказ за тоа“, кажа Стојаноска, додавајќи дека колку еден театар ќе биде посетен, зависи пред се од пристапот на раководството.