Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Гутереш од Рафа: Доста е од овој кошмар без крај во Појасот Газа

На светот му е доста од овој кошмар без крај, изјави денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на влезот во Појасот Газа, каде што повеќе од пет месеци трае војната меѓу Израел и палестинските исламисти од движењето Хамас.

-Го кажувам тоа што го мисли мнозинството од светот, кои виделе доволно, додаде генералниот секретар на ОН

„Во Газа, Палестинците се заробени во кошмар без крај“, додаде тој. Гутереш ги осуди уништените објекти, исчезнувањето на цели семејства и цели генерации, како и гладот ​​што му се заканува на населението.

Генералниот секретар на ОН повторно повика на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

-Ништо не ги оправдува ужасните напади на Хамас на 7 октомври (врз Израел). Но, ништо не ја оправдува ниту колективната казна што ја претрпе палестинскиот народ. Сега повеќе од кога било е време за моментален хуманитарен прекин на огнот, рече Гутереш.

По пет и пол месеци разорнувачка војна, Појасот Газа е под опсада, на работ на глад, во катастрофална хуманитарна ситуација.

Во израелската офанзива на Газа од почетокот на војната, според најновиот биланс на Министерството за здравство на Хамас, загинале 32.142 лица.

Во Рафа, шефот на ОН го повика Израел да се заложи за олеснување на влезот на хуманитарна помош во Појасот Газа. Тој исто така го повика Хамас веднаш да ги ослободи киднапираните заложници.

-Во духот на сочувството и муслиманскиот празник Рамазан, време е веднаш да се ослободат сите заложници, рече Гутереш. 

Зачлени се на нашиот е-билтен