Европската комисијата ќе ја финансира набавката на нови авиони за гаснење пожари за да го зголеми капацитетот на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ за справување со огнени стихии, соопшти денеска портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и управување со кризи Балаж Ујвари.
– Од фондовите на ЕУ ќе бидат искористени 600 милиони евра за купување на 12 нови авиони, кои ќе бидат стационирани во шест земји членки – Хрватска, Франција, Италија, Грција, Португалија и Шпанија, изјави Ујвари, додавајќи дека авионите ќе бидат испорачани до 2027 година.
Овие нови авиони ќе може да се користат за гаснење пожари низ Европската Унија и 10 земји од соседството, вклучително и Северна Македонија, особено во текот на летните месеци кога животите, домовите и средствата за живот стануваат се повеќе загрозени од шумски пожари од големи размери.
Ујвари соопшти дека комесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич денеска во Загреб присуствувал на церемонијата на потпишување на договорот меѓу Владата на Хрватска и канадска корпорација за купување на специјализирани авиони за гаснење пожари. Неодамна сличен договор за набавка на авиони за гаснење пожар потпиша и Владата на Грција.
Според Ленарчич, ваквите договори за купување на авиони ќе помогнат за заштита на граѓаните низ цела Европа.
– Им честитам на Хрватска, како и на Грција, кои први ги потпишаа договорите за набавка на авиони, кои ќе ја формираат новата генерација европски воздухопловни противпожарни капацитети. И благодарам и на Канада што го олесни склучувањето договори со засегнатата компанија да го продолжи производството на овие многу потребни авиони. Тоа ќе биде 100 отсто платено од Европската комисија, како дел од нашиот зајакнат капацитет за гаснење пожари. Подготвени сме да се бори со уште поинтензивни шумски пожари во Европа, додаде Ленарчич.
Европската комисија пред пет години го надгради Механизмот за цивилна заштита на ЕУ со вклучување флота од противпожарни авиони и хеликоптери.
Механизмот има за цел да и обезбеди на ЕУ координиран пристап за спречување, реагирање и справување со шумски пожари, доколку нивниот обем ги надминуваат националните капацитети за одговор. Во Механизмот, покрај 27-те земји членки на ЕУ се вклучени и Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Молдавија, Норвешка, Србија, Турција, Црна Гора и Украина.