Високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел денеска изјави дека безбедносните служби на Русија соработуваат со Европската Унија во врска со истрагата за терористичкиот напад извршен во Москва во петокот.
Разузнавачките служби соработуваат со разузнавачките служби, рече Борел, одговарајќи со „да“ на прашањето на новинарката Кристијан Аманпур дали руските и службите на ЕУ соработуваат и покрај војната во Украина.
Борел повторно го осуди терористичкиот напад, но и изрази стравување дека рускиот претседател Владимир Путин може да го искористи нападот за „да го оправда зголемениот интензитет на нападите врз украинската цивилна инфраструктура“.
– Загрижени сме поради фактот што Путин може да искористи трагични околности за да ги оправда зголемените напади врз Украина, што веќе и се случува… во последните часови бројот на ракети и дронови лансирани врз цивилната инфраструктура се зголеми, но не гледаме како терористичкиот напад е оправдување за тоа, вели тој.
– Украинците не се борат против рускиот народ, туку против армијата што ја нападна нивната земја, потенцираше Борел.
Според последните податоци, во петокот вечерта во терористички напад во концертна сала во предградие на Москва загинаа 139 лица, меѓу кои три деца, а околу 180 се повредени. Одговорноста за нападот ја презеде терористичката група „Исламска држава“.