Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Стојковски: Креирањето на лажните наративи стана сè повеќе дел од политичката борба

„Живееме во време во кое постојано сме изложени на лажни вести, дезинформации, спинови, пропаганда и слично. Овој пристап во политиката, во нашава држава го земаа некои политички партии и политичари,“ изјави за „Локално“, Андреја Стојковски, извршен директор на Преспа институтот.

Тој како пример ги посочува приказните за „Тиранската платформа“, но и за „бегалците од Авганистан“, како и безброј ситни лажни наративи пуштани во јавноста со цел влијание врз и насочување на јавното мислење.

„Креирањето на лажните наративи стана се повеќе дел од политичката борба, а колку им помага на оние кои ги споделуваат лажните вести, не може никој со сигурност да тврди, но имајќи го предвид избраниот пристап и упорноста во неговата примена, очигледно помага, без оглед колку, вели Стојковски за разговор за „Локално“.

Соговорникот ја опишува ситуацијата во земјата во однос на изборите и гласањето.

„Во Северна Македонија граѓаните гласаат за политичка партија, за или против. Повеќе или почесто гласаат ЗА ВМРО-ДПМНЕ и ПРОТИВ СДСМ. Дури и во 2016 година, кога „царот беше гол“ гласачите гласаа за ВМРО-ДПМНЕ. Сега, во услови кога Владата има многу помала контрола врз медиумскиот простор, кога лажниот наратив излегува насочено и речиси постојано од истите центри, овој пристап, или комбинирањето на активностите се прави за да се електризира сопственото гласачко тело, да се демотивираат неопределените и да се обесхрабрат противниците“, наведува Стојковски.

Според Стојковски, секоја анкета оперира со стандардна маргина на грешка. Тоа значи дека добиениот резултат на анкетата би можел да биде во распон од + до минус 2, 2.5, 3 или дури 3.5%.

„Ова е стандард за секоја анкета и тука нема никаков проблем. Проблемот настанува ако анкетите ги земаме за веродостоен резултат, каков што не може да бидат. Единствената точна анкета е изборниот ден. Проблемот настанува кога анкетите се претставуваат како веродостоен резултат, односно кога истите се насочуваат кон некого, конечно, кога отстапуваат драстично од точниот резултат“, вели Стојковски.

Тој информира дека во институтот ПРЕСПА е разработен компјутерски модел кој ги следи и анализира постапувањата на политичките партии и на граѓаните, ЕлектоМетар, како и Политички извештај на ПРЕСПА преку кој се гледаат повеќе серијали на резултати со кои се  анализираат нивните ефекти.

„Во Политичкиот извештај ги зедовме повеќето јавно достапни анкети од 2013 година до денес. Располагаме со некои 20 сетови и резултати за популарност на партиите, од повеќе агенции, според кои сите се фалат или се фалеле пред противниците. Анализирајќи ги овие анкети со резултатите од најблискиот изборен ден, утврдивме дека сите имаат отстапување од резултатот помеѓу 5%-25%. Ваквото отстапување е сериозно, може да изненади многумина, а секако не може да се користи како основа за предвидување на изборните резултати. Колку што разбирам јас, тие меѓутоа не ги користат анкетите за предвидување на изборните резултати, туку за сериозно влијание врз изборниот процес и однесувањето на гласачите,“ вели Стојковски.

Според него, отстапувањето не е страшно, дури и тогаш кога изнесува 25% од реалниот резултат. Опасно е ако анкетите и резултатите покажуваат пристрасност кон одредена политичка партија.

„Утврдувањето на пристрасноста на поранешните анкети е наша следна задача. Тоа сакаме да го направиме за да утврдиме кон кого постои пристрасност, дали тоа е тренд или пак поединечна активност на агенцијата и да развиеме модел за пресметка според кој ќе можеме да ги поправиме анкетните резултати на секоја од следените агенции, анализира извршниот директор на Преспа институтот.

Зачлени се на нашиот е-билтен