– Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска во Ерусалим се сретнаа со израелските лидери за да изразат солидарност по иранскиот напад и да повикаат на одмерен одговор за да се избегне ескалација на тензиите.
Дванаесет дена по израелскиот напад на иранскиот конзулат во сириската престолнина Дамаск, во кој загинаа седум ирански војници, меѓу кои тројца генерали, Иран во саботата вечерта возврати со напад на израелска територија со беспилотни летала и проектили.
Ова е прв напад врз Израел од иранска територија. Иран претходно предупреди дека ќе има напад како одмазда за нападот во Дамаск.
Камерон и Бербок се првите странски дипломати кои пристигнаа во Израел по нападот без преседан на Иран.
Прво, тие разговараа со претседателот на земјата, Исак Херцог, кој го повика „целиот свет“ преку платформата „Икс“ „одлучно да се ангажира против заканата што ја претставува иранскиот режим, кој сака да ја поткопа стабилноста во целиот регион“.
Тие разговараа и со нивниот израелски колега Израел Кац.
Камерон изјави за британската телевизија дека сака земјите-членки на Г7 да воведат „координирани санкции“ против Иран и ја обвини таа земја дека стои зад „толку многу злонамерни активности“ во регионот.
Тој посочи дека шефовите на дипломатиите на седумте економски најразвиени земји-членки на Г7, кои оваа недела се состануваат во Италија, „мора да испратат јасна и недвосмислена порака“ до Иран.
„Се надеваме“ дека Израел ќе реагира „на начин што минимално ќе придонесе за ескалација на тензиите, на начин што е и интелигентен и одлучувачки“, додаде британскиот министер.
Бербок неделава се заложи ЕУ да воведе нови санкции за иранските беспилотни летала.