За 50 дена Европејците ќе излезат на избори за членови на Европскиот парламент во услови кога нивните главни грижи се поврзани со борба против сиромаштијата, зајакнување на економијата и отворањето на нови работни места, изјави вечерва на прес-конференција претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола одржана за време на Специјален самит на Унијата во Брисел.
Од таму, според неа, од голема важност е што на овој Самит ќе се разговара за Извештајот за иднината на единствениот европски пазар, изработен од претседателот на Институтот „Жак Делор“ и поранешен италијански премиер Енрико Лета.
– Единствениот европски пазар е моќна алатка за поврзување и верувам дека нашата економска област има потенцијал да овозможи бенефити за нашите луѓе и за транзиција на нашите економии, додаде Мецола.
Таа нагласи дека многу често се говори за енергетска унија, одбранбена унија, унијата на пазарот на капитал, здравствена унија…, но се заборава на Европската Унија и единствениот пазар, кои ги овозможуваат сите тие унии и ја туркаат индустријата кон иднината.
– За да креираме работни места, да обезбедуваме раст и да ја осигуриме европската глобална конкурентност, треба да создадеме соодветни услови и вистинска рамка со цел стартапите и малите и средни претпријатија да останат во Европа, истакна Мецола, додавајќи дека за тоа е потребно намалување на бирократските процедури и на фрагментацијата на финансискиот сектор и отстранување на пречките во протокот на капитал.
Според неа, за тоа е потребна политичка волја и ЕУ треба и мора да го стори сето тоа, но и да ја зајакне одбраната и да ја заштити демократијата.
Од тој аспект, како што нагласи Мецола, руската кампања на дезинформации и зајакнување на проруските чувства ширум Европа, повеќе не е само закана, туку и можност на која ЕУ треба да биде подготвена да одговори.
– Европскиот парламент е подготвен целосно да ги поддржи земјите членки за да ги спречи сите странски злонамерни мешања во нашите демократски процеси на секој можен начин, како што го прави секогаш, додаде Мецола.
Таа се осврна и на случувањата на Блискиот Исток, нагласувајќи дека иранските напад без преседан врз Израел придонесоа за зголемување на тензиите и затоа ЕУ мора да се соочи со предизвикот да работи на деескалација на состојбата во регионот и да спречи натамошно ширење на крвопролевањето.
– Потребни се нови санкции кон Иран поради неговата ракетна и програма за беспилотни летала, истакна Мецола, потсетувајќи дека ЕП веќе повика и на воведување санкции кон Иранската револуционерна гарда, која би требала да биде вклучена листата на ЕУ на терористички организации.
Мецола нагласи дека хуманитарната состојба во Газа е катастрофална и мора да се овозможи дистрибуција на толку потребната помош за цивилното население, како и дека ЕП продолжува да бара траен прекин на огнот и ослободување на заложниците, како и дека Хамас не смее да остане неказнет и дека мора да се работи на изнаоѓање мировно решение по моделот на две држави, што ќе гарантира безбедност и за Израел и за палестинскиот народ.