Во духот на предвечерието на големиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден, НУ „Охридско лето“ организира концерт на православна хорска музика со Женскиот хор „Менада“ од Тетово.
Под диригентската палка на професор доктор Ивица Зориќ во Охрид вчера настапија 21 хористки кои изведоа православна духовна музика со што дадоа свој придонес во одбележувањето на овој христијански празник.
-Со големо задоволство ја прифативме поканата да земеме учество на овој концерт со единствена желба да дадеме свој придонес, посебно во овој катедрален храм, црквата „Света Софија“. Направивме ретроспектива на православна духовна музика. Имавме неколку визнатиски напеви, грузиски, македонски, грчки, но и напеви на други јазици. Вечерта ја заокруживме со ретроспектива на композиции кои се во духот на повеќегласното црковно пеење, така што имавме нагорна линија на најсовремени композиции што се пишуваат сега. И на крајот, завршувме со молитва, со „Оче наш“, со желба што повеќе луѓе да го почувствуваат овој голем христијански празник. Се надевам дека секој понесе позитивна мисла од концертот, вели маестро Зориќ.
Маестро Зориќ, целиот свој работен век го има посветено токму на Женскиот хор „Менада“, но и на Детскиот хор „Лале“ чиј основач е самиот тој.
-Со „Менада“ годинава одбележуваме 43 години постоење. Јас сум од првиот работен ден со овој хор. Исо така, работам и со Детскиот хор „Лале“ кој исто така настапува и во Охрид по разни поводи, а годинава одбележува 47 години постоење. Двата хора ги основав јас и раководам со нив сите изминати години, и навистина е огромно задоволството што човек се посветува самиот себеси. Ме радува што има интерес за нашите настапи. Тетово е град на хорската музика, но патуваме често и во странство. Досега имаме посетено повеќе од 20 земји, појаснува маестро Зориќ.
Со програмата што ја изведоа на Велигденскиот концерт во организација на НУ „Охридско лето“, Женскиот хор „Менада“ во октомври треба да настапи во Истанбул, Турција.